Колку навистина се високи македонските јавни личности? Иако на телевизија и на сцена често изгледаат многу повисоки поради штиклите, стајлингот и впечатливиот настап, реалноста знае прилично да ги изненади фановите. Посебно внимание деновиве привлече податокот за сестрите Дапчевиќ, бидејќи додека Тамара има сосема просечна висина, нејзината сестра Тијана буквално руши балкански рекорди.
Имено, Тамара Дапчевиќ во една пригода откри дека е висока 168 сантиметри, што е далеку од импресивната висина на нејзината сестра Тијана Дапчевиќ која има дури 184 сантиметри. Со оваа висина, Тијана важи за една од највисоките, а според многумина и највисока пејачка не само во Македонија, туку и на целиот Балкан.
Но, таа не е единствената Македонка што привлекува внимание со своите сантиметри. Меѓу највисоките дами на македонската јавна сцена е и поранешната Мис на Македонија, Вера Мештеровиќ, која е висока 185 сантиметри. Веднаш зад неа е нејзината колешка Ведрана Ѓорѓевиќ со 183 сантиметри.
Во светот на модата, Катарина Ивановска со своите 180 сантиметри со години важи за една од најуспешните и највпечатливи македонски манекенки, додека Натали Грубовиќ е само еден сантиметар пониска. Манекенката Елена Реи има 179 сантиметри, а Светлана Црнокрак и понатаму привлекува внимание со своите 178 сантиметри и препознатлив изглед.
Пејачката Каролина Гочева, пак, е висока 175 сантиметри и многумина сметаат дека со својот изглед и држење лесно можела да изгради и успешна манекенска кариера.
Од друга страна, на македонската сцена има и вистински „џебни Венери“ кои и покрај пониската висина пленат со харизма, став и енергија. Така, Ноне Неделковска е висока само 150 сантиметри, но каде и да се појави остава силен впечаток. Сузана Спасовска е висока 155 сантиметри, а легендарната водителка Живкица Каленикова има 160 сантиметри.
Антониа Гиговска, која најчесто ја гледаме во впечатливи комбинации и високи потпетици, е висока 164 сантиметри. Иста висина има и Снеже Велков, додека Елена Ристеска, Елена Петреска и Викторија Лоба се високи околу 165 сантиметри.
Иако сантиметрите често се тема на љубопитност кај публиката, овие дами одамна покажаа дека харизмата, стилот и присуството се далеку поважни од самата висина.






