Вечерва во Виена се одржува второто полуфинале на Евровизија 2026, со што продолжува музичкиот спектакл што деновиве е во центарот на вниманието на Европа. Директниот пренос од арената „Винер Штадхале“ започнува во 21 часот, а гледачите во Македонија ќе можат да го следат преку МТВ и Македонското радио.
Во второто полуфинале настапуваат 15 земји кои ќе се борат за едно од преостанатите 10 места во големото финале закажано за сабота, 16 мај. Освен натпреварувачките настапи, вечерва публиката ќе има можност да ги види и ревијалните настапи на претставниците на Франција, Австрија и Обединетото Кралство, кои како дел од „големата петорка“ и земјата домаќин имаат директен пласман во финалето.
Вечерта ќе ја отвори Бугарија со ДАРА и песната „Бангаранга“, по што ќе следуваат Азербејџан, Романија, Луксембург, Чешка, Ерменија, Швајцарија, Кипар, Латвија, Данска, Австралија, Украина, Албанија, Малта и Норвешка.
Особено внимание привлекуваат и ревијалните настапи на Франција со Монро и песната „Регард!“, Австрија со КОСМО и „Танцшајн“, како и необичниот настап на претставникот на Обединетото Кралство „Гледај мајка без компјутер“ со песната „Ајнс, Цвај, Драј“.
Организаторите најавуваат уште една вечер исполнета со спектакуларна сцена, визуелни ефекти и големо музичко шоу, додека атмосферата во Виена веќе неколку дена е на врвот поради големиот број фанови и делегации од цела Европа.
По првото полуфинале, во финалето веќе се пласираа Хрватска, Србија, Израел, Белгија, Финска, Грција, Литванија, Молдавија, Полска и Шведска, а вечерва ќе бидат познати и останатите финалисти.
Европската радиодифузна унија повторно ги објави и правилата за гласање. Публиката ќе може да гласа преку телефон, СМС пораки или онлајн преку платформата esc.vote. Гласањето започнува веднаш по последниот настап и гледачите ќе можат да гласаат до 10 пати во период пократок од 20 минути.
Во второто полуфинале право на глас имаат и Франција, Австрија и Обединетото Кралство, додека гледачите од земјите што не учествуваат ќе можат да гласаат онлајн преку специјалниот систем на Евровизија.
Големото финале на Евровизија 2026 ќе се одржи во сабота, 16 мај, со почеток во 21 часот, кога ќе биде избран победникот на 70-тото издание на најголемиот европски музички натпревар.






