Microsoft започна со постепено укинување на СМС-пораките како метод за двофакторска автентикација и обновување на лични кориснички сметки, заменувајќи ги со побезбедни технологии како дигиталните „passkey“ клучеви.
Од компанијата официјално соопштија дека оваа промена е дел од поширока стратегија насочена кон подобрување на безбедноста и премин кон системи за најава без класични лозинки. Според Microsoft, иднината на автентикацијата треба да биде побезбедна, побрза и поедноставна за користење.
Главната причина за укинувањето на СМС-кодовите е растечкиот број интернет измами и кибер-напади насочени кон преземање кориснички сметки преку текстуални пораки. Од Microsoft предупредуваат дека СМС-пораките станале една од најчестите цели на phishing напади и кражба на идентитет.
Како главна алтернатива, компанијата ги промовира дигиталните пристапни клучеви – таканаречени „passkey“ решенија, како и верифицирана електронска пошта и сметки без лозинки.
Со новиот систем, корисниците ќе можат да се најавуваат преку биометриски податоци, ПИН-кодови или со поврзани Apple и Google сметки, без потреба од чекање СМС-порака со код.
Од Microsoft велат дека passkey технологијата нуди значително повисоко ниво на безбедност бидејќи е отпорна на phishing измами и кражба на лозинки.
Промените ќе се однесуваат и на процесот за враќање пристап до сметките. Наместо телефонски број и СМС-кодови, корисниците ќе користат верифицирани е-пошта адреси и дигитални безбедносни клучеви. Ова треба да овозможи полесно обновување на профилите дури и ако корисникот го изгуби телефонот, го смени операторот или мобилниот број.
Со овој потег, Microsoft дополнително ја забрзува транзицијата кон целосно „passwordless“ искуство, кое компанијата веќе подолго време го промовира како иднина на дигиталната безбедност.





