Божиновска: Стратешките инвестиции во енергетиката гарантираат сигурност за граѓаните и стопанството

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска изјави дека Македонија има стабилно и сигурно снабдување со нафтени деривати, и покрај случувањата на Блискиот Исток кои влијаат врз цените на светските пазари.

Таа во интервју за МТВ посочи дека земјава најголемиот дел од горивата ги обезбедува преку Грција и дека во ниту еден момент не било доведено во прашање снабдувањето, туку единствено движењето на цените.

„Најважно за граѓаните е дека има сигурност и доволно гориво. Како Влада постојано ги следиме состојбите и презедовме мерки за ублажување на ценовниот притисок. Во понеделникот имаше намалување на цените за 6,5 денари, а ОКТА дополнително одобри попуст од два денари кој ќе важи од 2 до 15 јуни“, рече Божиновска.

Таа нагласи дека пуштањето во употреба на продуктоводот на почетокот од годинава се покажало како навремена и стратешки важна одлука. Според податоците на Министерството, до 30 април преку продуктоводот биле транспортирани 145 илјади кубни метри дизел, што претставува околу 30 проценти од планираниот годишен капацитет.

„Со продуктоводот ги избегнавме сите предизвици поврзани со транспортот преку граничните премини и дополнително придонесовме за заштита на животната средина“, истакна министерката.

Божиновска додаде дека државните резерви на нафтени деривати моментално обезбедуваат покриеност за 60 до 62 дена, додека согласно европските обврски до 2030 година земјата треба да располага со резерви за 90 дена. Според неа, моменталните количини се доволни и засега нема потреба од дополнително зголемување на резервите.

Во однос на цените, министерката рече дека не се очекуваат драстични поскапувања на нафтата како во 2022 година и дека меѓународните прогнози упатуваат на постепена стабилизација на пазарите.

„Грција располага со алтернативни рути за снабдување од Северна Африка и други региони. Доколку таму нема проблеми со снабдувањето, нема да има ниту кај нас. Постојано сме во комуникација со грчките партнери и добиваме уверувања дека снабдувањето ќе остане стабилно“, изјави Божиновска.

Scroll to Top