По кариера што траеше повеќе од 70 години и опфаќа над 70 филмови, легендарниот актер и режисер Клинт Иствуд официјално се повлекува од филмската индустрија. Веста ја потврди неговиот син Кајл Иствуд, откривајќи дека холивудската икона повеќе не планира да снима нови филмови.
Четирикратниот добитник на Оскар на 31 мај наполни 96 години, а зад себе остава богато наследство кое го вбројува меѓу највлијателните личности во историјата на американската кинематографија.

Иствуд се прослави во 1960-тите години преку телевизиската серија „Rawhide“, а светска слава стекна со улогите во легендарната шпагети-вестерн трилогија на режисерот Серџо Леоне, позната како „трилогијата на доларот“. Посебно место во филмската историја зазема култниот филм „Добриот, лошиот и грдиот“, кој и денес се смета за еден од најдобрите вестерни на сите времиња.

Во почетокот на 1970-тите го режираше својот прв филм „Play Misty for Me“, по што следуваше импресивна режисерска кариера. Во текот на следните децении стоеше зад успешни филмови како „Unforgiven“, „Million Dollar Baby“, „Changeling“, „Gran Torino“, „American Sniper“ и „The Mule“.
Тој успеа да се наметне како редок пример на актер кој подеднакво успешно изгради и режисерска кариера. Неговите филмови опфаќаа различни жанрови – од вестерни и трилери до биографски драми, романтични приказни, воени филмови и мјузикли.
Иствуд беше препознатлив и по својата работна дисциплина. Во Холивуд важеше за режисер кој снима брзо, ефикасно и без непотребни повторувања, честопати завршувајќи ги продукциите пред рокот и во рамките на планираниот буџет.
Последен пат се појави како актер во филмот „Cry Macho“ од 2021 година, кој истовремено и го режираше. Неговиот последен режисерски проект беше судскиот трилер „Juror No. 2“ од 2024 година, во кој настапија Николас Холт и Тони Колет.
Потврдата за неговото пензионирање ја даде неговиот син Кајл Иствуд, музичар и композитор кој соработуваше на повеќе филмски проекти на својот татко.
„Имам многу убави спомени од работата со него. Сега е во пензија. Имав огромна среќа што можев да работам со него на многу филмови и тоа беше незаборавно искуство за мене“, изјавил Кајл.
За специфичниот стил на работа на Иствуд зборуваше и актерката Лора Лини, која соработуваше со него на филмовите „Absolute Power“, „Mystic River“ и „Sully“. Таа откри дека Иствуд никогаш не викал на снимање и секогаш одржувал мирна атмосфера на сетот.
Според неа, оваа навика потекнувала уште од времето кога снимал вестерни, бидејќи гласните команди можеле да ги вознемират коњите на снимањето. Наместо тоа, тој работел тивко и смирено, создавајќи атмосфера во која актерите се чувствувале опуштено и сигурно.
Во текот на кариерата Иствуд режираше и пет актери кои освоија Оскар за своите улоги. Меѓу нив се Џин Хекман, Шон Пен, Тим Робинс, Хилари Свонк и Морган Фримен.
Бројни холивудски ѕвезди низ годините зборуваа со огромна почит за него. Хилари Свонк истакна дека целосно ја ослободил од притисокот на снимањето, додека Морган Фримен го нарече свој омилен режисер.
Мерил Стрип, која соработуваше со него во филмот „Мостовите на округот Медисон“, откри дека Иствуд застанал во нејзина одбрана кога студиото сметало дека е престара за улогата, иако ликот што требало да го толкува бил на иста возраст како неа.
Со своето повлекување, Клинт Иствуд затвора едно од најзначајните поглавја во историјата на Холивуд. Неговите филмови, актерски улоги и режисерски остварувања остануваат дел од светското културно наследство и инспирација за идните генерации филмски автори.






