Градежниот сектор во првото тромесечје од 2026 година бележи значаен раст и останува еден од клучните двигатели на домашната економија, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Според статистиката, градежништвото пораснало за 7,2 проценти во споредба со истиот период лани, што укажува на континуирана активност во секторот и засилена реализација на капиталните инвестиции низ државата.
Особено силен раст е забележан во нискоградбата, каде што активностите се зголемени за над 20 индексни поени. Овој сегмент ги опфаќа изградбата и модернизацијата на патната и железничката инфраструктура, вклучувајќи автопати, експресни и регионални патишта, како и железнички проекти.
Во тој контекст, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, посочува дека засилената динамика на инфраструктурните проекти е клучен фактор за ваквиот раст и за економското зајакнување на државата.
„Автопатите на Коридор 8 и 10д се градат со силна динамика, а паралелно се инвестира и во железничката инфраструктура, што е од суштинско значење за долгорочниот развој, регионалното поврзување и зголемувањето на конкурентноста на економијата“, истакнува Николоски.
Тој додава дека растот во градежништвото е директен резултат на засилените активности на терен и реализацијата на капиталните проекти кои имаат долгорочно значење за економијата.
Дополнително, Државниот завод за статистика објави дека бруто-домашниот производ во првото тримесечје од 2026 година пораснал за 3,1 процент, што, како што се оценува, претставува позитивен сигнал за економските движења во земјата.
Според надлежните, ваквите показатели потврдуваат дека економијата се движи во позитивна насока, при што инфраструктурните инвестиции остануваат клучен носител на развојот.






