Ново научно истражување открива дека попладневното кафе можеби има многу поголемо влијание врз организмот отколку што се мислеше досега. Иако многумина веруваат дека немаат проблем да заспијат и по шолја кафе во доцните часови, научниците предупредуваат дека вистинскиот ефект на кофеинот може да се крие длабоко во мозокот – за време на сонот.
Експерти од Медицинскиот универзитет во Вроцлав, Полска, анализирале како кофеинот влијае врз квалитетот на спиењето и дошле до заклучок дека проблемот не е само во тоа дали човекот ќе заспие или не, туку во тоа колку навистина ќе се одмори неговиот мозок во текот на ноќта.
Според истражувачите, можно е лицето да помине осум часа во кревет и сепак да се разбуди ненаспано и без енергија.
„Телото може да биде во кревет осум часа, но мозокот можеби нема целосно да се опорави“, предупредуваат научниците.
До овие сознанија дошле преку електроенцефалографија (ЕЕГ), метода што ја следи активноста на мозокот за време на спиењето. За разлика од обичното мерење на времетраењето на сонот, ЕЕГ овозможува детална анализа на тоа што навистина се случува во мозокот додека спиеме.
Професорката Доната Курпас објаснува дека ЕЕГ не покажува само дали човекот спие, туку и каков е квалитетот на сонот.
„ЕЕГ ни овозможува да видиме не само дали лицето спие, туку и како мозокот спие“, вели таа.
Истражувањето покажува дека кофеинот не влијае еднакво кај сите луѓе. Неговото дејство зависи од возраста, метаболизмот, физичката кондиција, нивото на стрес, квалитетот на сонот и индивидуалната чувствителност на организмот.
„Кофеинот не е ниту добар ниту лош. Тој е биолошки активна супстанција чие дејство зависи од дозата, времето на консумирање, возраста, начинот на живот и индивидуалната чувствителност“, нагласува Курпас.
Тоа значи дека некои луѓе можат лесно да заспијат по вечерно кафе, но сепак да имаат нарушен квалитет на сонот. Кај други, дури и утринската шолја кафе може да влијае врз ноќниот одмор.
Посебно внимание научниците посветиле на активноста на бавните мозочни бранови, кои се еден од најважните показатели за длабок и обновувачки сон.
„Квантитативната ЕЕГ анализа открива суптилни промени, како што е намалената активност на бавните бранови, што претставува важен показател за длабочината на сонот и неговиот обновувачки ефект“, објаснува Курпас.
Токму оваа фаза на длабок сон е клучна за обновување на мозокот, зацврстување на меморијата и чувството на свежина и одмор по будењето.
Научниците не препорачуваат целосно откажување од кафето, туку подобро разбирање на начинот на кој организмот реагира на кофеинот. Тие советуваат луѓето кои сакаат поквалитетен сон да остават доволно време организмот да го разгради кофеинот пред вечерните часови.
Колку точно време е потребно за тоа зависи од секој човек поединечно.
Заклучокот на истражувањето е јасен: фактот што лесно заспивате навечер не значи дека кафето не влијаело врз Вашиот сон. Вистинските последици можеби не се гледаат во времето потребно за заспивање, туку во начинот на кој мозокот ја поминува ноќта и колку успешно се обновува додека спиете.






