OpenAI поднесе барање за излегување на берза: Компанијата зад ChatGPT би можела да достигне вредност поголема од еден трилион долари

Компанијата OpenAI, креатор на популарниот четбот ChatGPT, официјално поднесе доверливо барање до Комисијата за хартии од вредност на САД (SEC) за спроведување на првична јавна понуда на акции (IPO), отворајќи го патот кон едно од најголемите и најочекувани берзански дебија во историјата на технолошкиот сектор.

Според соопштението на компанијата, доставен е нацрт-проспект за јавната понуда, што претставува прв формален чекор кон излегување на берза. Аналитичарите проценуваат дека OpenAI би можела да достигне пазарна вредност поголема од еден трилион долари, што би ја вброило меѓу највредните компании во светот.

Веста доаѓа во период на засилена конкуренција во индустријата за вештачка интелигенција. Само неколку дена претходно, компанијата SpaceX се подготвуваше за сопствена јавна понуда, која според проценките би можела да обезбеди околу 86 милијарди долари свеж капитал и да ја вреднува компанијата на приближно 1,78 трилиони долари. Истовремено, и конкурентот Anthropic неодамна поднесе сопствени документи поврзани со можен излез на берза.

Излегувањето на OpenAI на јавниот пазар ќе биде значаен тест за расположението на инвеститорите кон компании од секторот на вештачката интелигенција. Иако OpenAI бележи исклучително брз раст на приходите и огромна база на корисници, компанијата истовремено се соочува со значителни трошоци и загуби поради огромните инвестиции во истражување, развој и инфраструктура.

„Сè уште не сме донеле конечна одлука за времето на јавната понуда. Постојат одредени активности кои полесно се реализираат додека сме приватна компанија. Сепак, внимателно ги разгледуваме сите опции и ова поднесување ни овозможува да реагираме побрзо доколку процениме дека тоа е најдобриот чекор“, соопштија од OpenAI.

Компанијата во моментов инвестира милијарди долари во развој на нови модели на вештачка интелигенција со цел да ја задржи предноста во трката со конкурентите како Google и Anthropic. Истовремено, OpenAI значително ги проширува своите компјутерски капацитети за да може да ги опслужува повеќе од 900 милиони корисници на ChatGPT ширум светот.

Дополнителен поттик за подготовките за берзанското деби претставува и неодамнешната судска одлука во Калифорнија, со која беше отфрлена тужбата на Илон Маск против OpenAI и нејзиниот извршен директор Сем Алтман. Според аналитичарите, ова ја отстрани една од клучните правни пречки за реализација на јавната понуда.

Во последните месеци OpenAI тесно соработува со инвестициските банки Goldman Sachs и Morgan Stanley, како и со адвокатската компанија Cooley, во подготовките за излегување на берза. Извори блиски до процесот наведуваат дека компанијата би можела да започне со јавно тргување уште наесен.

OpenAI веќе се наоѓа меѓу највредните приватни компании во светот. Во март годинава компанијата затвори рекордна рунда на финансирање во која беше проценета на околу 122 милијарди долари. Во рамките на тој инвестициски циклус беа обезбедени и околу три милијарди долари од малопродажни инвеститори, кои во иднина би можеле да добијат поширока можност за вложување преку јавниот пазар.

Доколку јавната понуда биде успешно реализирана, OpenAI би можела да стане една од најголемите технолошки компании што некогаш излегле на берза, дополнително потврдувајќи ја доминантната улога на вештачката интелигенција во глобалната економија.

Scroll to Top