Димитриеска-Кочоска: Фискалната стабилност бара постојано следење и управување со ризиците

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска ги поздрави учесниците на регионалната работилница за размена на искуства и заемно учење во рамки на Програмата за управување со јавен долг и ризици (GDRM), чиј домаќин е Министерството за финансии.

Во своето обраќање таа истакна дека ефикасното управување со фискалните ризици претставува еден од клучните предуслови за зачувување на финансиската стабилност и за градење отпорни и одржливи јавни финансии.

„Условените обврски, како што се државните гаранции и препозајмувањето, бараат постојано следење, навремена проценка и внимателно управување. Само преку силни институции и добро воспоставени механизми можеме успешно да се справиме со потенцијалните ризици и да ја зачуваме фискалната стабилност“, порача Димитриеска-Кочоска.

Таа нагласи дека регионалната работилница претставува значајна можност за размена на знаења, искуства и добри практики меѓу експерти и претставници од повеќе земји, со цел унапредување на капацитетите за управување со јавниот долг и ризиците.

Министерката изрази задоволство што Министерството за финансии, во соработка со Светската банка и со поддршка од Швајцарскиот државен секретаријат за економски работи (SECO), има можност да биде домаќин на ваков значаен регионален настан.

Според неа, ваквите иницијативи придонесуваат за зајакнување на институционалните капацитети и за подобрување на системите за управување со јавниот долг, што е особено важно во услови на глобални економски предизвици и неизвесности.

Димитриеска-Кочоска порача дека Министерството за финансии останува посветено на понатамошно унапредување на рамката за управување со јавниот долг и фискалните ризици, како важен предуслов за стабилни јавни финансии, економска отпорност и одржлив економски развој.

Scroll to Top