Тоневски: Општина Пробиштип ќе ги наградува најуспешните основци со стипендии

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, денеска се сретна со учениците прогласени за првенци на генерацијата во основните училишта од општината, упатувајќи им честитки за нивниот постигнат успех и посветеност во образованието.

На средбата, Тоневски истакна дека учениците Мартин и Петар со својот труд, знаење, дисциплина и истрајност покажале дека успехот се гради со упорна работа и одговорност.

– Вие сте гордост на своите семејства, на училиштата и на целата наша општина. Вашите резултати се доказ дека вложениот труд секогаш носи успех – порача градоначалникот.

Тој најави дека пред општинските советници ќе иницира измена на соодветните програми и правилници со цел да се овозможи доделување стипендии и за првенците на генерациите од основните училишта.

Според Тоневски, поддршката на младите и талентирани ученици претставува инвестиција во иднината и развојот на локалната заедница.

– Нашата цел е да ги мотивираме и поддржиме најдобрите ученици, бидејќи тие се иднината на Пробиштип и најголемата вредност што ја имаме – истакна тој.

На крајот од средбата, градоначалникот им честиташе на првенците и им посака многу успеси во понатамошното образование, нагласувајќи дека тие се пример и инспирација за генерациите што доаѓаат.

Scroll to Top