Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, по повод втората годишнина од формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини порача дека институцијата за краток период успеала да изгради цврсти темели и да се позиционира како важен двигател на енергетските политики во државата.
Во објава на социјалните мрежи, Божиновска истакна дека годишнината претставува можност за осврт на патот што започнал со визија, а продолжил со посветеност, напорна работа и верба во заедничка цел.

Таа потсети дека како прва жена на чело на Министерството имала чест и одговорност да учествува во неговото создавање од самиот почеток.

„Започнавме без воспоставени структури, без преседани и без јасна патека. Заедно ги создадовме темелите на институција која денес има клучна улога во креирањето на политиките во областа на енергетиката, рударството и минералните ресурси“, нагласи министерката.

Според неа, во изминатите две години биле донесени законски и подзаконски решенија, била зајакната соработката со меѓународните партнери, реализирани бројни билатерални средби и иницирани важни проекти насочени кон енергетска сигурност, одржливост и економски развој.

Божиновска истакна дека особено ја радува фактот што постигнатите резултати биле препознаени не само во Македонија, туку и во Европа, Соединетите Американски Држави и пошироката меѓународна енергетска заедница.
„Ова признание е потврда за професионалноста, експертизата и посветеноста на луѓето кои го направија ова патување возможно“, порача таа.
Во својата порака, министерката упати благодарност до сите вработени во Министерството, нагласувајќи дека нивната посветеност, знаење и истрајност придонеле една идеја да прерасне во функционална институција.

Таа оцени дека создавањето на Министерството никогаш не било само формирање нова институција, туку поставување долгорочна основа за иднината на државата, зајакнување на енергетската независност, подобро искористување на природните ресурси и отворање нови можности за идните генерации.
„Гордa сум на сè што постигнавме заедно и уверена сум дека најдоброто допрва доаѓа“, порача Божиновска, честитајќи ја втората годишнина од формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.






