По силното невреме што синоќа ја зафати Битола и околината, проследено со интензивни врнежи од дожд од над 40 литри на метар квадратен, екипите на јавните претпријатија се на терен и работат на отстранување на последиците.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, информираше дека оперативните тимови на ЈП „Нискоградба“, ЈКП „Водовод“ и ЈП „Комуналец“ од раните утрински часови се ангажирани во санирање на оштетувањата предизвикани од невремето.

Според информациите од терен, најголеми оштетувања се регистрирани во делови од населбите Баир и Бадембалари, како и на улиците „Дебарска“, „Бихаќ“ и „Караорман“, каде што силните врнежи предизвикале оштетување на коловозите и проблеми во инфраструктурата.

Дел од механизацијата и оперативните екипи се ангажирани и на потегот кон населените места Кравари и Бистрица, каде што исто така се работи на расчистување и нормализирање на состојбата.

„Заедно со директорите сум на терен со цел координирање на активностите и побрзо санирање на последиците од невремето“, објави Коњановски.

Надлежните служби остануваат на терен и во текот на денот, а од Општина Битола апелираат граѓаните да бидат внимателни и да ги следат препораките на институциите додека трае санацијата на погодените подрачја.






