Проданоски: Четири децении Мариовско-мегленските културни средби го негуваат духот и наследството на Мариово

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, денеска присуствуваше на одбележувањето на големиот јубилеј – 40 години од манифестацијата „Мариовско-мегленски културни средби“, што се одржа во манастирот „Св. Илија“ во Мариово.

На настанот, заедно со пратеници од Прилеп, членови на Советот на Општина Прилеп, директори на јавни институции, претставници на јавниот и општествениот живот, како и бројни жители и гости од Мариово и Пелагонискиот регион, беше одбележан значајниот јубилеј на една од најдолговечните културни манифестации во регионот.

 

Проданоски истакна дека Мариовско-мегленските културни средби веќе четири децении успешно ја негуваат традицијата, културата и идентитетот на Мариово, испраќајќи силна порака за значењето на зачувувањето на културното наследство

„Мариово отсекогаш било симбол на истрајност, достоинство и непокорен дух. Овие средби нè потсетуваат на нашите корени, го чуваат споменот на нашите предци и ја одржуваат жива македонската песна, орото, народната носија и обичаите што нè прават препознатливи“, нагласи градоначалникот.

 

Тој додаде дека локалната самоуправа ќе продолжи да ги поддржува ваквите манифестации, како и активностите насочени кон зачувување на културното наследство, развојот на руралниот туризам и афирмацијата на Мариово како едно од највредните природни и културни богатства на Македонија.

 

Проданоски упати благодарност до претседателот на Здружението „Мариовско-мегленски културни средби“, Стојан Ѓуровски, како и до културно-уметничките друштва, учесниците, волонтерите и сите поддржувачи кои веќе 40 години придонесуваат за зачувување и развој на оваа значајна традиција.

Тој порача дека Мариовско-мегленските културни средби и во иднина треба да продолжат да ги обединуваат луѓето околу македонската традиција, песната, орото и вредностите што се пренесуваат на идните генерации.

Scroll to Top