Научниците открија загрижувачки генетски промени кај стаорците и глувците кои би можеле да ги направат отпорни на најчесто користените отрови за нивно уништување. Новото истражување предупредува дека традиционалните методи за контрола на глодарите сè потешко даваат резултати, поради што експертите бараат примена на нови, научно засновани стратегии.
Проблемот со стаорците и глувците со години ги мачи големите американски градови. Според рангирањето на компанијата „Оркин“, специјализирана за контрола на штетници, Лос Анџелес е градот со најголема популација на глодари. На листата следуваат Чикаго, Њујорк, Сан Франциско, Хартфорд, Вашингтон, Детроит, Филаделфија, Минеаполис и Денвер.
И покрај редовната употреба на отрови и други методи за нивно уништување, бројот на глодари продолжува да расте, што ги натерало научниците да ја испитаат можната генетска причина за нивната отпорност.
Истражувачите од Универзитетот „Рутгерс“ во американската сојузна држава Њу Џерси анализирале стотици домашни глувци и норвешки, односно кафеави стаорци, за да утврдат дали постојат генетски мутации кои ги прават отпорни на родентициди – хемиски средства за уништување глодари.
Резултатите покажале дека дури 84 проценти од 147 анализирани домашни глувци носеле најмалку една генетска мутација во генот Vkorc1, што укажува на можна отпорност кон најчесто користените отрови. Кај норвешките стаорци вакви мутации биле пронајдени кај 35 проценти од 143 анализирани примероци.
Истражувањето, објавено во научното списание Pest Management Science, идентификувало пет значајни мутации кај домашните глувци – A32V, W59L, L128S, Y139C и Y139F. Најчесто се појавувале мутациите Y139C, присутна кај 42 проценти од глувците, и L128S, забележана кај 33 проценти.
Научниците наведуваат дека најмалку 69 проценти од испитаните глувци носеле мутации за кои веќе е докажано дека предизвикуваат отпорност кон родентицидите.
Кај норвешките стаорци биле откриени две претходно познати мутации – H68H и I82I, како и новата мутација L128V. Сепак, експертите истакнуваат дека сè уште не е потврдено дали сите овие промени директно влијаат на отпорноста на стаорците кон отровите.
Вообичаено, властите користат антикоагулантни родентициди – препарати кои предизвикуваат внатрешно крварење кај глодарите. Но, научниците сметаат дека дел од популацијата со текот на времето генетски се приспособила токму на овие хемикалии.
„Развојот на отпорност предизвикан од мутации во генот Vkorc1 стана сè поголем предизвик во контролата на глодарите“, наведуваат авторите на истражувањето.
Постдокторандот Џин-Џија Ју од Универзитетот „Рутгерс“ објаснува дека експертите за контрола на штетници веќе извесно време предупредуваат дека стандардните методи повеќе не ги даваат очекуваните резултати.
„Контролата на глодарите станува сè потешка во некои области, иако се користат ефикасни родентициди. Сакавме да утврдиме дали тоа се случува и во североисточниот дел на САД, особено во урбаните средини, и колку е распространет проблемот“, изјавил Ју.
Тој додава дека резултатите покажале оти отпорноста кај домашните глувци е многу пораспространета отколку што се претпоставувало, додека кај стаорците ќе бидат потребни дополнителни истражувања.
На сериозноста на проблемот предупредува и професорот Чанглу Ванг од Одделот за ентомологија на Универзитетот „Рутгерс“.
„Глодарите се многу повеќе од обична непријатност. Како што отпорноста станува сè почеста, неопходно е да се применуваат научно засновани стратегии кои истовремено ќе го штитат јавното здравје и животната средина“, истакнува Ванг.
Научниците заклучуваат дека ваквите истражувања ќе бидат клучни за развојот на нови и поефикасни методи за контрола на глодарите, особено во големите градови каде нивната популација постојано расте.






