Елена Ристеска со емотивна порака по смртта на Владо Јаневски: „Ќе ми недостигаш таков терсене каков што беше“

Заминувањето на Владо Јаневски предизвика голема тага кај неговите колеги, пријатели и обожаватели. Познатиот музичар, автор и пејач, кој зад себе остави бројни хитови и љубовни песни што одбележаа генерации, почина на 65-годишна возраст.

Меѓу оние кои јавно се простија од него е и пејачката Елена Ристеска, која на социјалните мрежи сподели емотивна порака посветена на Владо.

Во својата објава, таа се потсети на нивните разговори, дружби, совети и моменти кои, како што вели, ќе ѝ недостигаат.

„Ќе ми недостигаш Владе, ќе ми недостигаат нашите разговори за книги и автори, за музика, за животот, за нашата професија, нашите дружби… Ќе ми недостигаш таков терсене каков што беше и баш заради тоа уникатен. Ќе ми недостига хуморот кој ретко го прикажуваше пред други“, напиша Елена.

Таа откри дека со Владо се виделе на кафе пред неколку месеци, но дека многу работи останале недоречени.

„Иако се видовме на кафе пред неколку месеци, пак останавме недоречени, ама договорени да се доискажеме на следна средба која очигледно нема никогаш да се случи“, стои во нејзината порака.

Ристеска му се заблагодари за секој совет, збор, мудрост, средба, книга и песна што ги споделиле.

„Фала ти за сѐ, за секој совет, за секој збор и мудрост, за секоја средба, за секоја книга споделена, за секоја песна… И која песна да ја ставам сега кога секој текст ти е генијален и совршен… Можеби ‘Булки’ е правата за овој момент“, напиша таа.

Во емотивната порака, Елена додаде дека многу музичари „се собрале на таа страна“, а оставиле многу болка „на оваа“.

„Ах Владе… многу брзо замина, без збогување“, напиша Ристеска.

На крајот, таа сподели и личен спомен од детството, откривајќи дека никогаш не му кажала на Владо дека песната „Корпичка“ ѝ била омилена кога била дете.

„П.С. Никогаш не ти споделив дека како дете ‘Корпичка’ ми беше омилена песна“, заврши Елена во својата објава.

Владо Јаневски ќе остане запаметен како еден од најзначајните македонски музичари, автор на бројни песни кои оставија длабока трага во македонската музичка сцена.

Scroll to Top