Со песни, свеќи и многу емоции: Вечерва Скопје ќе му оддаде последна почит на Владо Јаневски

Вечерва, со почеток во 20:00 часот, пред арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи собир во чест на македонската музичка легенда Владо Јаневски, кој почина по кратко боледување.

Фанови, пријатели и почитувачи на неговата музика ќе се соберат за заедно да му оддадат почит со свеќи, песни и тивко сеќавање на човекот чии стихови и мелодии оставија неизбришлива трага во македонската музика.

Настанот е во организација на продукцијата „Прагма“, која ги повика сите љубители на музиката на Јаневски да бидат дел од оваа емотивна вечер.

Да го испратиме со песна, тишина и љубов. Неговите мелодии ќе останат да живеат, бидејќи големите уметници никогаш не исчезнуваат“, порачаа организаторите.

Владо Јаневски зад себе остави богато музичко наследство, испишано со десетици безвременски хитови што повеќе од три децении ги допираат срцата на публиката. Неговите песни, меѓу кои „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Некогаш и негде“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Ова е наше Скопје“, „Црно тиквешко“, „Еден бакнеж“ и многу други, станаа дел од колективната меморија на повеќе генерации.

Јаневски беше препознатлив не само по својот специфичен вокал, туку и како еден од најдобрите македонски кантавтори, автор на стихови исполнети со емоција, љубов и животни приказни.

Вечерва, пред арената „Борис Трајковски“, неговите песни повторно ќе одекнат – овојпат како последен поздрав и благодарност до човекот кој остави неизбришлив белег во македонската музичка историја. Неговото физичко заминување означува крај на едно големо музичко поглавје, но неговите песни ќе продолжат да живеат и да се пеат уште многу години.

Scroll to Top