Холивудската актерка Шерон Стоун откри болни детали од својот втор брак, признавајќи дека токму несогласувањето околу нејзиното лекување довело до разводот со новинарот и уредник Фил Бронстин.
Ѕвездата, која зад себе има два брака, првиот со телевизискиот продуцент Мајкл Гринбург, а вториот со Фил Бронстин, ја раскажа својата приказна во подкастот The Person Who Believed In Me на новинарот Дејвид Бегно.

Стоун и Бронстин се запознале во 1997 година, а се венчале една година подоцна. Двојката го посвоила синот Роан, но нивната семејна среќа била нарушена од сериозните здравствени проблеми на актерката.
Во 2001 година Шерон Стоун доживеала тежок мозочен удар. Како што открива, имала само еден процент шанси да преживее. По девет дена мозочно крвавење била подложена на седумчасовна операција, при што лекарите ѝ вградиле 22 спирали за стабилизација на оштетената артерија.

Во истиот период лекарите откриле и тумори на нејзините дојки. Иако подоцна се покажало дека се бенигни, докторите ѝ препорачале двострана мастектомија како превентивна мерка.
Актерката откри дека токму оваа одлука станала пресуден момент за нејзиниот брак.
„Еден од туморите беше поголем од целата моја лева дојка. Докторот дојде во мојот дом и ми рече дека смета дека треба да направам двострана мастектомија бидејќи ситуацијата е сериозна. Одлучив да ја прифатам препораката затоа што не сакав да ризикувам“, раскажала Стоун.
Според неа, нејзиниот сопруг остро се спротивставил на операцијата.
„Тој рече: ‘Ова е лудост!’ Станал и ја напуштил собата. Беше бесен поради можноста да ми ги отстранат градите, а не поради тоа што можев да умрам од рак“, изјавила актерката.
Таа додаде дека лекарот тогаш му рекол: „Да имав повеќе пациентки како неа, ќе имавме многу повеќе жени кои ќе преживеат.“
Шерон Стоун вели дека тогаш му ставила до знаење дека таа ќе ги носи одлуките за сопственото здравје.
„Му реков дека јас ги носам одлуките, а не тој. Во тој момент знаев дека нашиот брак заврши. Тоа беше крајот“, признала актерката.
Шерон Стоун и Фил Бронстин официјално се разведоа во 2004 година, а актерката и денес отворено зборува за најтешките моменти од својот живот, со надеж дека ќе ги охрабри и другите жени секогаш да го стават сопственото здравје на прво место.






