Проданоски: Сè е подготвено за „Пиво фест 2026“ – Прилеп од 17 до 19 јули ќе биде центар на забавата

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, информираше дека подготовките за „Пиво фестивал 2026“ се во завршна фаза и дека градот е целосно подготвен да биде домаќин на една од најголемите летни манифестации во Македонија.

Фестивалот ќе се одржи на 17, 18 и 19 јули, а во пресрет на настанот во Општина Прилеп се одржа координативна средба со претставници на сите надлежни институции кои учествуваат во организацијата, со цел секој сегмент од фестивалот да биде навремено и квалитетно реализиран.

„Прилеп е максимално подготвен да ги пречека и угости сите посетители, обезбедувајќи безбедна, организирана и пријатна фестивалска атмосфера“, истакна Проданоски.

 

Паралелно со организациските активности, интензивно се работи и на уредувањето на градот. Екипите на ЈКП „Комуналец“ секојдневно ги одржуваат централното градско подрачје, плоштадот „Александрија“, парковите и јавните зелени површини, со цел Прилеп да ги пречека домашните и странските гости во најдобро издание.

Градоначалникот ги покани граѓаните и посетителите да бидат дел од трите фестивалски вечери, кои ќе понудат богата музичка програма, одлична атмосфера и незаборавни моменти.

„Градот е подготвен, а ние ве очекуваме заедно да создадеме уште едно незаборавно издание на „Пиво фестивал 2026“, порача Проданоски.

Scroll to Top