По успехот на хитот „Лидија“, кој за само три месеци достигна речиси два милиони прегледи, македонскиот музичар Јанг Дади ја објави својата најнова песна „Син на мама“, проследена со хумористичен видеоспот во кој една од главните улоги ја толкува инфлуенсерката Миа Костова.
Како и кај претходниот сингл, автор на музиката, текстот и концептот е самиот Јанг Дади, додека за аранжманот, миксот и мастерингот повторно беше задолжен Андреј Ник, со кого успешно соработуваше и на песната „Лидија“.

Видеото е реализирано во продукција на „Такат студиоз“, а режијата ја потпишува Генц Халими. Приказната е исполнета со хумор и го следи ликот на Јанг Дади, кој се обидува да ја пронајде вистинската партнерка, додека неговата мајка – лик што го игра Миа Костова – внимателно ги оценува девојките кои влегуваат во неговиот живот.
Покрај Миа Костова, во спотот се појавуваат и инфлуенсерката Тијана Скулиќ, како и Гала Поњавиќ, Елиана Христи, Јоана Делова и Марта Михајловски.
„Син на мама“ е и првиот музички проект што Јанг Дади го објавува под етикетата на „Авалон“, со која неодамна започна официјална соработка.
Воедно, пејачот интензивно се подготвува и за својот прв солистички концерт, кој ќе се одржи на 12 септември во спортскиот центар „Јане Сандански“, во организација на „Авалон“.
Според најавите на организаторот, Јанг Дади ќе настапи во живо со бенд, а концертот ќе понуди богата мултимедијална продукција, атрактивни визуелни ефекти и специјални гости – пријатели и музички соработници од регионот, кои биле дел од неговото творештво уште од почетокот на кариерата.






