Научниците предупредуваат дека светот би можел да се соочи со многу силен „Супер Ел Нињо“ – климатски феномен што може да предизвика екстремни суши, разорни поплави, силни бури и рекордно високи температури низ целиот свет.
Поради можните сериозни последици, истражувачите разгледуваат едно од најконтроверзните решенија досега – технологија што би можела да го намали затоплувањето на планетата, но истовремено да отвори нови, тешко предвидливи климатски ризици.
Според американската Национална управа за океани и атмосфера (NOAA), постои 63 проценти веројатност температурата на Тихиот Океан да го надмине прагот од два Целзиусови степени, што претставува услов за развој на таканаречениот „Супер Ел Нињо“.
Доколку се случи вакво сценарио, неговите последици би можеле да се чувствуваат ширум светот сè до 2027 година. Во некои региони тоа би донело обилни врнежи и поплави, додека други би се соочиле со долготрајни суши, почести бури и други екстремни временски услови.
Во обид да ги ублажат последиците, научници од Океанографскиот институт „Скрипс“ ја истражуваат можноста за примена на соларен геоинженеринг – технологија која со години предизвикува дебати во научната јавност.
Една од методите што се разгледува е осветлување на морските облаци. Идејата е во облаците над океанот да се распрснат ситни честички кои ќе ги направат посветли, со што тие би рефлектирале поголем дел од сончевата светлина назад во вселената наместо таа да ја загрева Земјата.
Сепак, експертите предупредуваат дека сè уште има многу непознати фактори.
Професорот по атмосферски науки од Универзитетот во Ексетер, Џејмс Хејвуд, за CNN изјавил дека постојат бројни неодговорени прашања околу ефикасноста и одржливоста на оваа технологија.
Според него, научниците сè уште не знаат колкава големина треба да имаат честичките, ниту во каква количина треба да се користат за да се постигне посакуваниот ефект.
Хејвуд предупредува и на уште една потенцијална опасност – што ако со интервенцијата се претера.
Во таков случај, наместо ублажување на Ел Нињо, би можело да се предизвика исклучително силна Ла Ниња – климатски феномен кој има спротивен ефект и доведува до ладење на океаните, но исто така може да предизвика суши, поплави и сериозни временски нарушувања.
Тој нагласува дека научната заедница сè уште е далеку од момент кога со сигурност би можела да потврди дека ваквите технологии ќе функционираат онака како што се очекува.
За да ги проценат можните ефекти, истражувачите не започнале со директни експерименти, туку анализирале природни појави.
Тие го проучувале влијанието на честичките создадени при големите шумски пожари во Австралија, кои природно придонеле за осветлување на облаците, а потоа со климатски модели симулирале услови слични на оние што му претходеле на силниот Ел Нињо во 1997 и 2015 година.
Резултатите покажале дека оваа метода потенцијално би можела да го намали интензитетот на Ел Нињо и привремено да ги намали глобалните температури.
Но, научниците предупредуваат и на една од најголемите опасности – феноменот познат како „шок на прекин“.
Станува збор за сценарио во кое, ако вештачкото ладење на атмосферата ненадејно престане, температурите би можеле многу брзо повторно да пораснат, предизвикувајќи уште посериозни климатски нарушувања отколку ако технологијата никогаш не била применета.
Поради тоа, дел од експертите сметаат дека, доколку ваквиот систем некогаш почне да се користи, ќе биде потребна долгорочна или дури континуирана примена за да се избегнат нагли температурни промени.
И покрај охрабрувачките резултати од симулациите, научниците нагласуваат дека сите овие сценарија засега се исклучиво теоретски и дека ќе бидат потребни уште многу истражувања пред ваквите технологии воопшто да можат да се разгледуваат за реална примена.






