Мел Си откри дека една жестока расправија со Викторија Бекам за малку ќе ја чинела местото во легендарната група „Спајс грлс“. Пејачката призна дека по инцидентот добила сериозно предупредување – доколку повтори нешто слично, ќе биде исфрлена од бендот.
Мелани Чисхолм (52), позната како Спорти Спајс, за непријатната епизода зборуваше во „The Louis Theroux Podcast“. Сè се случило по доделувањето на БРИТ наградите во 1996 година, непосредно пред групата да стане светски позната.
Во тој период „Спајс грлс“ сè уште го немаа објавено дебитантскиот сингл „Wannabe“, кој подоцна стана огромен светски хит. Сепак, девојките присуствувале на престижната церемонија и, како што раскажува Мел Си, имале неверојатна вечер, пиеле шампањ и седеле на маса со Лени Кравиц.

Но, расположението се променило на крајот од вечерта.
„Само што си заминувавме и го баравме автомобилот. Не знам веќе каква беше ситуацијата, но се свртев и ѝ реков на Викторија да се тргне“, раскажа Мел Си, откривајќи дека употребила и вулгарен израз.
Пејачката не објасни што точно ја предизвикало расправијата со Викторија Бекам.
„Си отидов дома, легнав да спијам, а кога се разбудив следното утро – бев во голема неволја“, се присети таа.
Колешките ѝ рекле дека се „згрозени“
Според Мел Си, Мел Би и Џери Халивел следниот ден отворено ѝ кажале дека се „згрозени“ од нејзиното однесување. Сериозно предупредување добила и од менаџерот на групата.
„Ми беше кажано многу јасно дека ако некогаш повторно се случи нешто такво, ќе ме нема. Тоа целосно ме преплаши“, призна пејачката.
Таа вели дека во тој момент почувствувала огромен страв дека поради еден, како што денес го опишува, „тривијален“ инцидент може да изгуби сè за што сонувала уште од детството.
„Соништата што ги имав како дете сега беа на дофат, а јас можеби уништив сè“, рече Мел Си.
Откри која членка била најпопуларна кај момчињата
Мел Си неодамна откри и детали од приватниот живот на членовите на групата во периодот кога „Спајс грлс“ ја освоија светската музичка сцена во 1990-тите.
Во мај, гостувајќи во емисијата „Cosmopolitan’s Blind Date“, таа откри дека Мел Би била најзаинтересирана за момчиња и имала најголем „успех“.
„Би рекла дека најдобра стапка на успех имаше…“, започна Мел Си, пред низ смеа да додаде дека Мел Би „беше многу популарна“.
Зборуваше и за гласините за нејзината сексуалност
Пејачката неодамна се осврна и на претпоставките за нејзината сексуалност во времето кога беше дел од најпознатата женска група на светот.
Поради спортскиот стил и облеката што ја носела како Спорти Спајс, во јавноста често се претпоставувало дека е геј.
„Ги имавте сите различни типови, а онаа во спортска облека… се претпоставуваше или се сугерираше дека сум геј“, рече таа во „The Mitch Churi Chat Show“.
Мел Си нагласи дека лично нема проблем со таквите претпоставки, но смета дека било погрешно нечија сексуалност да се проценува само според изгледот или начинот на облекување.
„Тоа не е нивна работа. Но, да се заснова таков заклучок на нечиј изглед или на начинот на кој се облекува – тоа беше прилично лошо“, порача пејачката.
Мел Си е мајка на 17-годишната Скарлет, која ја има од поранешната врска со Томас Стар. Од ноември 2023 година е во врска со австралискиот модел Крис Дингвол.






