Коалицијата ВЛЕН остро ја осуди изјавата на српската министерка за државна управа и локална самоуправа, Снежана Пауновиќ, која, според нив, во интервју за српската телевизија „Курир“ изјавила дека доколку Слободан Милошевиќ имал слобода на дејствување, „ќе го исчистел Косово етнички во 1998 година“.
Од ВЛЕН оценуваат дека станува збор за неодговорна и опасна изјава која, како што наведуваат, ја оживува реториката на етничко чистење и го навредува споменот на илјадниците Албанци кои биле убиени, исчезнале или биле протерани од своите домови за време на конфликтот во Косово.
„Ваквите криминални идеологии и фантазии припаѓаат на едно време кое никогаш нема да се врати“, се наведува во реакцијата на ВЛЕН.
Од коалицијата посочуваат дека особено загрижува фактот што ваквата реторика, според нив, доаѓа од министерка во Владата на Србија и висока функционерка на партијата на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ.
Поради тоа, ВЛЕН бара итно и јасно дистанцирање од страна на Владата на Србија, но и реакција од Европската Унија.
„Оправдувањето на етничкото чистење е целосно спротивно на вредностите врз кои е изградена Европа и не смее да биде толерирано, релативизирано или премолчено“, порачуваат од ВЛЕН.
Во реакцијата, коалицијата нагласува дека останува цврсто на позициите за заштита на историската вистина и достоинството на жртвите, како и во поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Косово.
Од ВЛЕН порачуваат дека говорот на омраза и реториката што повикува или оправдува етничко чистење немаат место во современа Европа и дека институциите мора јасно да се спротивстават на секој обид за релативизирање на ваквите идеи.





