(ФОТО) Во дворот му никна вистинско богатство: Ретка печурка што достигнува цена и до 2.500 евра за килограм

Додека многумина одат во шума за прошетка или берење печурки, Делимир Мијаиловиќ од околината на Ваљево трага по еден од најценетите деликатеси во светот – тартуфите. Во потрагата му помага неговиот лабрадор Маша, специјално обучен да ги пронаоѓа овие ретки подземни печурки.

Со ова семејството Мијаиловиќ се занимава повеќе од 15 години. Поседуваат сертификат за собирање тартуфи и за дресирање кучиња кои ги откриваат нивните скривалишта. Она што започнало како хоби, денес прераснало во успешен семеен бизнис.

Најголемата предност, вели Делимир, е тоа што тартуфи растат и во близина на неговиот дом.

 

„Меѓу ретките сум во Србија што имаат тартуфи околу својата куќа. Не се во големи количини, но се доволни за лични потреби и за обука на кучињата. Денес сè повеќе луѓе сакаат да ги пробаат, бидејќи знаат колку се ценети“, изјавил тој за РТС.

Цената на тартуфите значително варира во зависност од видот. Црниот летен тартуф достигнува цена од околу 50 евра за килограм, додека белиот тартуф, кој важи за еден од најлуксузните гастрономски производи, се продава за дури 2.000 до 2.500 евра за килограм.

Во домот на Мијаиловиќ, тартуфите се редовен дел од трпезата. Според неговата сопруга Билјана, Србија располага со богати природни живеалишта на оваа ретка печурка, но нивниот потенцијал сè уште не е доволно искористен.

Семејството сега планира да го развива и тартуф-туризмот во околината на Ваљево. Идејата е посетителите, заедно со дресирани кучиња, да учествуваат во потрагата по тартуфи, а потоа да уживаат во специјалитети подготвени од една од најценетите печурки во светот.

Scroll to Top