Зендеја духовито одговори на понуда за брак од обожавател: „Малку доцниш!“

Холивудската ѕвезда Зендеја уште еднаш потврди дека е среќно омажена за актерот Том Холанд, откако со духовит одговор ги воодушеви присутните на црвениот тепих за време на промоцијата на филмот „Spider-Man: Brand New Day“ во Мексико.

Додека позираше пред фотографите, еден обожавател гласно ѝ довикна:

„Ќе се омажиш ли за мене, те молам?“

Без двоумење, 29-годишната актерка низ смеа возврати:

„Малку доцниш!“

Нејзиниот краток, но духовит одговор веднаш предизвика аплауз и насмевки кај присутните, а видеото од моментот брзо се прошири на социјалните мрежи.

Среќно омажена за Том Холанд

Зендеја, секако, алудираше на својот брак со долгогодишниот партнер и колега од филмовите за „Spider-Man“, Том Холанд.

И самиот Холанд неодамна се пошегува на сметка на нивниот брак за време на промоцијата на филмот „The Odyssey“, каде што глуми заедно со Мет Дејмон, Ен Хатавеј, Роберт Патинсон и Зендеја.

На прашање од обожавател дали ликот на Зендеја – божицата Атена – е романтично заљубена во Одисеј, кого го игра Мет Дејмон, Холанд веднаш одговори:

„Не. Затоа што е омажена за мене.“

Неговиот коментар предизвика смеа кај Дејмон и Хатавеј.

Холанд потврди дека се венчале

По долгите шпекулации, Том Холанд минатиот месец во интервју за магазинот Esquire потврди дека двајцата тајно се венчале.

Запрашан дали морал да им објаснува на своите роднини дека фотографиите од нивната наводна свадба, создадени со вештачка интелигенција, се лажни, тој кратко одговори:

„Не, затоа што сите беа таму.“

Иако не откри детали за свадбата, актерот искрено зборуваше за нивната врска.

„Нашата работа носи многу стресни ситуации, па прекрасно е кога имате врска која може да ги издржи сите предизвици“, изјави Холанд.

Тој додаде дека Зендеја е неговата „личност“, најдобра пријателка и најголема поддршка.

„Најсреќен сум кога сум со неа. Никогаш во животот не сум се чувствувал толку поддржан и безбеден“, рече актерот.

Стилистот прв ја откри тајната

Во последните месеци сè погласни беа шпекулациите дека парот веќе стапил во брак, особено откако Зендеја беше фотографирана со впечатлив дијамантски прстен.

Дополнителна потврда пристигна во март годинава, кога нејзиниот долгогодишен стилист Ло Роуч на црвениот тепих на доделувањето на SAG наградите изјави:

„Свадбата веќе се случи. Ја пропуштивте.“

И Том Холанд неодамна, гостувајќи во британскиот подкаст „Dish“, повторно ја нарече Зендеја „мојата сопруга“.

Запрашан со кој колега од „The Odyssey“ би сакал да оди на одмор во Грција, низ смеа одговори:

„Веројатно со мојата сопруга. Би било чудно да ѝ кажам: ‘Извини, душо, сепак ќе одам со Мет Дејмон.’“

Зендеја и Том Холанд се во врска од 2017 година, а се свршија за време на празниците кон крајот на 2024 година. Иако точниот датум на нивната свадба сè уште не е јавно објавен, повеќе нивни изјави и потврди од блиски соработници јасно укажуваат дека славниот холивудски пар веќе официјално го кажал судбоносното „да“.

Scroll to Top