Шпанија подготвува една од најголемите реформи во борбата против пушењето во последната деценија. Владата одобри предлог-закон со кој значително се прошируваат зоните без чад, а под построги правила ќе бидат ставени и електронските цигари, никотинските кесички и другите производи поврзани со тутунот.
Предлог-законот, кој веќе доби зелено светло од шпанскиот Министерски совет, сега влегува во парламентарна процедура, каде што може да претрпи одредени измени пред неговото конечно усвојување, пренесува „Еуроњуз“.
Доколку биде усвоен, пушењето и користењето електронски цигари ќе бидат забранети на терасите на кафулињата, баровите и рестораните, на морските и речните плажи, јавните базени, спортските објекти, националните паркови, како и на местата каде што се организираат јавни настани.
Забраната ќе важи и во службените возила, освен ако тие се користат исклучиво за лични потреби.
Една од најзначајните новини е воведувањето на таканаречени „заштитни зони“ со радиус од 15 метри околу влезовите на јавните институции. Тоа значи дека пушењето нема да биде дозволено во близина на болници, училишта, универзитети, библиотеки, музеи, спортски објекти, културни центри и детски игралишта.
Реформата е дел од Националниот план за превенција и контрола на употребата на тутун за периодот 2024–2027 година. Од шпанското Министерство за здравство истакнуваат дека целта е да се зголеми бројот на зони без чад, подобро да се заштитат децата и младите и законодавството да се усогласи со новите никотински производи што се појавија на пазарот.
Властите сметаат дека со новите измени ќе се затворат и правните празнини што се појавија поради брзиот развој на електронските цигари и другите алтернативни никотински производи, кои не биле опфатени со важечкиот закон од 2005 година.
За првпат во шпанското законодавство експлицитно ќе биде забранета и употребата на тутунски и сродни производи од лица помлади од 18 години. Досега беше забранета само нивната продажба и давање на малолетници, но не постоеше конкретна законска одредба што ја санкционира самата употреба.
Според предложените измени, електронските цигари ќе бидат изедначени со класичните цигари, без разлика дали содржат никотин или не. Истите правила ќе важат и за производите за пушење од билки, загреаните тутунски производи и другите уреди што го симулираат пушењето.
Никотинските кесички и понатаму ќе останат забранети за употреба од страна на малолетници, но нема да бидат опфатени со сите нови зони без чад што ќе важат за останатите производи.
Предлог-законот предвидува и построги правила за продажба, рекламирање и спонзорство на сите производи поврзани со тутунот. Продажбата ќе биде ограничена на специјализирани продавници, кои ќе мора да ги исполнат условите што дополнително ќе ги утврди шпанското Министерство за здравство.
Доколку законот биде усвоен во парламентот, Шпанија ќе стане една од европските земји со најрестриктивни правила за пушење и употреба на никотински производи на јавни места.






