Џон Кусак откри зошто се повлече од Холивуд: „Повеќе не сакав да правам компромиси“

Холивудскиот актер Џон Кусак, познат по улогите во филмовите „High Fidelity“, „Con Air“ и „Being John Malkovich“, во последните години значително го намали бројот на филмските ангажмани. На фестивалот Comic-Con тој откри дека причината не е недостаток на понуди, туку желбата за целосна креативна слобода.

Кусак објасни дека токму поради тоа се свртел кон создавање графички романи, медиум кој, според него, е најблизок до филмската уметност.

„Повеќе не сакав да преговарам околу тоа како ќе изгледа мојата приказна“, изјави актерот, додавајќи дека големите филмски студија, кога вложуваат десетици милиони долари во еден проект, сакаат да имаат контрола врз речиси секој креативен детал.

Наместо со години да бара финансирање и да ги прилагодува сценаријата според желбите на продуцентите, Кјузак решил своите идеи да ги преточи во графички роман.

Заедно со аргентинскиот илустратор Игнасио Ное го создава графичкиот роман „Momo“, кој треба да биде објавен кон крајот на септември. Приказната следи двајца бегалци на почетокот на седумдесеттите години кои тргнуваат во потрага по мистериозен древен артефакт, а актерот нагласува дека на овој проект никој не се обидел да ги менува нивните идеи.

Кусак се осврна и на големите промени што, според него, се случиле во филмската индустрија.

Тој се присети на периодот кога големите студија, покрај комерцијалните блокбастери, финансирале и помали авторски филмови на режисери како Вес Андерсон и Спајк Ли.

„Денес повеќето филмови се носат преку одлуки на одбори составени од луѓе кои воопшто не учествувале во нивното создавање. Таков Холивуд порано немаше“, рече Кјузак.

Иако поретко се појавува на големото платно, актерот не се откажал целосно од глумата. Во изминатите две години настапи во филмовите „Fog of War“ и „Detective Chinatown 1900“, но признава дека денес прифаќа само проекти кои навистина го инспирираат и му овозможуваат креативна слобода.

Од светлата на Холивуд делумно се повлече и неговата сестра Џоан Кусак. Актерката годинава првпат по повеќе од една деценија се појави на црвениот тепих, истакнувајќи дека покрај успешната кариера, отсекогаш ѝ било подеднакво важно да води мирен семеен живот надвор од холивудската сцена.

Scroll to Top