Џенифер Лопез со емотивно патување во Рим пред децата да заминат на факултет: „Најважно е да бидат добри луѓе“

Џенифер Лопез летово минува низ еден од најемотивните периоди во својот живот. Откако неодамна го прослави својот 57. роденден, славната пејачка и актерка се подготвува за ново животно поглавје – нејзините 18-годишни близнаци Макс и Еме наскоро заминуваат на факултет.

Пред секој да тргне по својот пат, семејството отпатува во Рим, каде што заедно помина драгоцени моменти. Папараците ги фотографираа Џенифер, Макс и Еме додека ги разгледуваа знаменитостите на италијанската престолнина, меѓу кои и Колосеумот, а слободното време го искористија за прошетки низ градот и уживање во италијански сладолед.

Лопез беше забележана и во шопинг на престижната улица Виа Кондоти, придружувана од засилено обезбедување.

Патувањето следуваше веднаш по нејзиниот роденден на 24 јули и претставуваше можност не само за прослава, туку и за создавање нови семејни спомени пред големите промени што ги очекуваат.

Макс и Еме, кои Џенифер ги има од бракот со поранешниот сопруг Марк Ентони, годинава завршија средно образование и наесен ќе ги започнат своите студии, секој на различен универзитет.

Во неодамнешно интервју за „EXTRA“, Лопез не ја криеше гордоста кон своите деца.

„Навистина сум горда што си поставија јасни цели“, изјави таа, откривајќи дека и двајцата биле примени на сите пет факултети на кои аплицирале, а притоа добиле и стипендии.

Таа зборуваше и за нивната посветеност во текот на школувањето, вклучувајќи ги и предизвиците со кои се соочувале поради АДХД.

„Гледав колку напорно работеа, особено од периодот кога училиштето станува посериозно, некаде од петто одделение. Само работеа, работеа и работеа“, рече пејачката.

Лопез додаде дека најмногу ја радува тоа што децата не се само успешни ученици, туку и добри луѓе.

„Горда сум затоа што го постигнаа она што си го зацртаа. Но, пред сè, тие се добри луѓе – грижливи и со големо срце“, истакна таа.

Пејачката откри и кои вредности најмногу се трудела да им ги всади.

„Секогаш ги прашувам: ‘Што вели мама?’ А тие ми одговараат: ‘Не е најважно да имаш добри оценки, туку да бидеш добар човек.’ И тогаш им велам: ‘Така е’“, раскажа Лопез.

Заминувањето на Макс и Еме на факултет за Џенифер Лопез претставува почеток на нова животна етапа, која, како што признава, ја дочекува со голема гордост, но и со неизбежни емоции што ги носи разделбата со децата.

Scroll to Top