Во италијанскиот парламент денеска беше претставен предлог-закон со кој се бара забрана на традиционалните туристички кочии со коњска запрега, познати како „ботичели“ (botticelle). Иницијативата, зад која стојат неколку опозициски партии, предвидува укинување на одредбата од Законот за безбедност во сообраќајот што во моментов дозволува користење на возила влечени од животни, објави „Еуроњуз“ (Euronews).
Со предложените измени се бара воведување јасна национална забрана за користење животни за влечење возила во јавниот превоз, што би ги опфатило туристичките, рекреативните и церемонијалните возења со коњска запрега. Подносителите на иницијативата сметаат дека досегашните локални мерки, како ограничувањето на работното време и движењето на кочиите во одредени делови од градовите, не се доволни за да се обезбеди благосостојбата на животните.
„Мораме да донесеме национален закон кој ќе ги укине ‘ботичелите’ и коњските запреги во градовите“, изјави на прес-конференција Патриција Престипино, пратеничка од Демократската партија (ПД) и поранешна римска комесарка за благосостојба на животните.
Таа истакна дека организациите за заштита на животните и животната средина со години предупредуваат дека современите градски улици повеќе не се соодветна средина за коњите, особено поради сè почестите топлотни бранови, високите температури и вжештениот асфалт, кои можат сериозно да го загрозат нивното здравје.
Поддршка за иницијативата пристигна и од градската управа на Рим. Градскиот советник за животна средина Роко Фераро во август ја започна кампањата „Пеш е поубаво“, насочена кон промовирање пешачење во најпосетуваните туристички зони на италијанската престолнина. Во рамките на кампањата се поставуваат информативни материјали на италијански и англиски јазик.
„Во 2026 година, коњските запреги во срцето на една современа метропола се практика која ѝ припаѓа на минатото, а не на иднината“, изјави Фераро, додавајќи дека целосно го поддржува предлог-законот и очекува Парламентот да усвои трајно решение со кое ќе престане користењето на коњите за туристички превоз.
Дебатата околу „ботичелите“ трае со години и е една од најконтроверзните теми во Италија кога станува збор за односот кон животните. Здруженијата за заштита на животните одамна бараат целосна забрана, наведувајќи дека коњите се изложени на голем физички напор, сообраќаен метеж, загадување и екстремни летни температури. Од друга страна, сопствениците на кочиите сметаат дека станува збор за вековна традиција и туристичка атракција која обезбедува егзистенција за многу семејства.
Доколку предлог-законот биде усвоен, Италија би направила значителен чекор кон укинување на туристичките кочии со коњска запрега во урбаните средини, што би претставувало една од најголемите законски промени во оваа област во последните децении.





