Новата песна на Северина „Nisam kriva ja“, со поднаслов „Bezosjećajna“, бележи огромен успех веднаш по објавувањето. За само еден ден видеоспотот надмина еден милион прегледи на YouTube, а песната се искачи на листата на најгледани содржини во повеќе земји од регионот.
Само неколку часа по премиерата, песната влезе во YouTube Trending во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора, Македонија и Австрија, потврдувајќи ја популарноста на хрватската музичка ѕвезда.
По повод одличниот прием кај публиката, Северина преку социјалните мрежи им се заблагодари на своите обожаватели.
„‘Bezosjećajna’ не сум, мирна сум и среќна. Ова е една од песните создадени за мене, песна што ја доживеав… Ви благодарам на сите што ја сакате и што се пронаоѓате во неа. Сега таа е и ваша песна. А доаѓаат уште две песни, не знам како да ги опишам… Можеби како што вие би рекле – ‘стара Северина’… Само што јас сум сè помлада и помлада“, напиша пејачката низ насмевка.

Таа истакна дека иако е среќна што повторно се најде на врвот на музичките трендинг-листи, никогаш не создавала музика само заради бројките.
„Ми велат дека влеговме во трендинг во сите земји од регионот. Низ годините отпеав многу песни и секогаш знаев да ја изберам вистинската, но никогаш не трчав по лудилото на трендингот. Тоа секогаш доаѓаше како резултат на мојот избор на песни“, порача Северина.
Според неа, вистинскиот успех не се мери само со бројот на прегледи.
„Клучот секогаш е во добрите концерти, во автентичноста, во доследноста на мојот пат. Најважни се добрата песна, искрената интерпретација и визуелниот приказ кој треба да биде мало уметничко дело. Најмногу ме радува кога луѓето се препознаваат во моите стихови, кога ги пеат песните од почеток до крај, танцуваат и искрено се забавуваат“, истакна таа.
„Nisam kriva ja“ е првата песна од најавената музичка трилогија на Северина. Во наредните денови таа ќе ги објави и останатите две песни – „Pozovi me ti“ со поднаслов „Anksiozen“ и „Svirajte mi ‘Rađaj sinove’“ со поднаслов „Savršena“, со кои ќе ја заокружи новата музичка приказна.






