Додека за многумина разводот претставува тежок и емотивен период, 42-годишната Тони Хардинг од Англија одлучила крајот на својот брак да го претвори во повод за славење. Откако нејзиниот развод конечно бил официјално завршен, таа организирала раскошна забава за семејството и пријателите, нарекувајќи ја „најдобрата ноќ во својот живот“.
За прославата, која се одржала на 10 јануари, Тони потрошила речиси 2.400 евра. Ангажирала диџеј, кетеринг и фото-кабина, а на настанот присуствувале околу 90 членови на семејството и блиски пријатели. Целта, како што вели, не била да го слави крајот на бракот, туку да им се заблагодари на луѓето кои биле покрај неа во текот на речиси едногодишниот процес на развод.
Бракот започнал среќно, но со текот на времето сè се променило
Тони била во брак од 2014 година. По девет години заеднички живот, во јануари 2023 година решила да стави крај на бракот, објаснувајќи дека едноставно престанала да го сака својот сопруг.
Таа раскажува дека на почетокот врската била стабилна и исполнета со љубов.
„Во почетокот сè беше прекрасно и сосема нормално. Бевме заедно пет години пред да се венчаме. По свадбата, динамиката во односот целосно се промени. Добивме уште едно дете и се надевав дека тоа ќе помогне да ги поправиме работите, но не успеа. Едноставно се оддалечивме. Не сакав никого да обвинувам, само му кажав дека повеќе не функционира и дека не сакам да продолжам така“, изјавила Тони.
Разводот го претворила во прослава
Откако разводот бил официјализиран во декември минатата година, веднаш почнала да ја организира забавата, бидејќи сакала симболично да го затвори тоа поглавје од животот.
Салата била украсена со светлечки натпис „Разведена“, а меѓу деталите што привлекле најголемо внимание биле тортите со натпис „Крај на една грешка“.
Тони вели дека кога ги добила документите за развод не почувствувала посебни емоции, но почувствувала силна потреба да им се заблагодари на сите кои ѝ давале поддршка.
„Во текот на речиси една година многу луѓе беа покрај мене. Сакав оваа забава да биде благодарност за нивната поддршка. Разводот не влијаеше само врз мене, туку и врз сите што ми помогнаа да поминам низ тој период“, изјавила таа за „Дејли Стар“.
„Беше подобро од мојата свадба“
Тони признава дека прославата ѝ помогнала конечно да стави точка на минатото и да започне ново животно поглавје.
Според неа, атмосферата на забавата била толку посебна што ја надминала дури и сопствената свадба.
„Ова беше подобро од мојата свадба. По сè што поминав, конечно почувствував дека можам да продолжам понатаму“, рекла таа.
Испрати порака до сите кои поминуваат низ развод
Тони смета дека општеството често гледа на разведените луѓе како на неуспешни личности, но таа денес има сосема поинаков став.
„Долго време мислев дека сум неуспешна затоа што јас решив да заминам. Но, сфатив дека не сум доживеала неуспех – само го направив она што беше најдобро за мене. Денес имам нова животна енергија за која никогаш не мислев дека повторно ќе ја почувствувам“, вели таа.
На сите кои се соочуваат со развод им порачува да не се плашат од нов почеток.
„Зошто да не организирате забава по разводот? Ги славиме сите убави моменти во животот, а за мене ова беше токму таков момент. На сите кои поминуваат низ развод им порачувам дека на крајот од тунелот навистина има светлина. Не го живејте животот грижејќи се постојано што ќе мислат или чувствуваат другите – направете го она што е најдобро за вас“, порачува Тони.





