Аријана Гранде откри зошто се повлекува од јавноста: „Оваа одлука ја подготвував долго време“

Поп-ѕвездата Аријана Гранде за првпат јавно проговори за причините поради кои по завршувањето на светската турнеја ќе се повлече од јавниот живот. За време на концертот во Чикаго, таа накратко го прекина настапот и со емотивно обраќање им откри на обожавателите дека одлуката не била донесена преку ноќ, туку била внимателно планирана.

Триесет и тригодишната пејачка истакна дека во изминатиот период била изложена на огромен професионален и медиумски притисок, поради што почувствувала потреба да го заштити своето ментално здравје.

Во моментов Гранде работи на повеќе големи проекти – ја промовира музиката од албумот „Eternal Sunshine“, настапува на истоимената светска турнеја, а паралелно е ангажирана и околу филмот „Wicked“. Сепак, таа призна дека долго време размислувала за пауза од јавноста.

Седејќи на сцената пред публиката, видливо трогната, Аријана рече дека неодамнешната објава за нејзиното повлекување не била импулсивна реакција.

„Тоа не беше ненадејна одлука. Ја планирав и тивко ја подготвував долго време“, им порача таа на присутните.

Пејачката додаде дека медиумските приказни често не ја отсликуваат реалноста што ја живее.

„Без разлика што се пишува и зборува, ништо не може да го промени она што навистина го чувствувам. А ништо не е повистинито од љубовта што ја споделуваме“, изјави Гранде.

Таа нагласи дека секој човек има потреба од лични граници и дека понекогаш е неопходно да се направи чекор назад од јавноста за да се зачува сопствената психичка благосостојба.

Во продолжение, Аријана им се заблагодари на своите обожаватели за поддршката што ѝ ја даваат низ годините, оценувајќи дека актуелната турнеја е едно од најубавите искуства во нејзината кариера.

„Ова беше прекрасно“, рече таа, додавајќи: „Би сакала да постојат зборови со кои би можела да ви објаснам колку ве сакам.“

На крајот од обраќањето ги замоли своите фанови за разбирање и потврди дека по исполнувањето на сите актуелни професионални обврски ќе се повлече од медиумите и јавните појавувања за да си посвети време на себе.

Публиката во Чикаго ја поздрави со долг аплауз и овации, а видеото од нејзиниот говор за кратко време се прошири на социјалните мрежи. Голем број обожаватели ја поддржаа нејзината одлука, истакнувајќи дека грижата за менталното здравје секогаш треба да биде поважна од професионалните обврски.

Scroll to Top