Поранешната американска актерка Бриџит Фонда повторно го привлече вниманието на јавноста откако беше фотографирана во Лос Анџелес, во едно од нејзините ретки појавувања по повеќе од две децении далеку од Холивуд.
Фонда била забележана додека излегувала од ресторан по ручек, во придружба на својата асистентка. Новите фотографии брзо се проширија на социјалните мрежи, каде многу обожаватели коментираа дека актерката изгледа задоволно и опуштено во животот далеку од камерите и филмските сетови.

„Дамата која ужива во нормален живот“ и „Толку е убаво да се види некој од Холивуд кој не е зависен од пластична хирургија“, се само дел од коментарите што се појавија под фотографиите.
Бриџит Фонда со години речиси целосно ја избегнува јавноста, откако реши да ја остави актерската кариера зад себе и да му се посвети на семејството.

Едно од нејзините позабележителни јавни појавувања беше во мај 2025 година, кога беше фотографирана заедно со сопругот Дени Елфман по нивното враќање во Лос Анџелес од патување. Тоа, според медиумските извештаи, било првпат двајцата да бидат фотографирани заедно по цели 16 години.
Фонда и поранешниот фронтмен на групата „Оинго Боинго“, Дени Елфман, се венчаа во 2003 година.

Една година подоцна објавија дека очекуваат дете, а на почетокот на 2005 година го добија синот Оливер.
Токму мајчинството било една од главните причини поради кои Фонда постепено се повлекла од јавниот живот и од актерството. Наместо да продолжи со кариерата во Холивуд, таа решила целосно да се посвети на воспитувањето на својот син и на семејниот живот.
Во едно од ретките интервјуа што ги даде во последните години, во 2023 година, Фонда јасно стави до знаење дека не планира враќање на филмското платно.

Тогаш изјави дека „е премногу убаво да се биде обичен граѓанин“, со што покажа дека е задоволна од животот далеку од славата и притисокот што го носи Холивуд.
Новите фотографии само го потврдуваат впечатокот дека Бриџит Фонда и понатаму ужива во приватноста, семејството и секојдневието далеку од рефлекторите – живот што самата го избрала пред повеќе од две децении.






