Започна хуманитарниот концерт во Велес: „Заедно за подобро утре“ ги обединува музиката и хуманоста

Во Спарта Ивент Центар во Велес вечерва се одржува хуманитарниот концерт „Together for a Better Tomorrow – Заедно за подобро утре“, настан посветен на поддршка на лицата со церебрална парализа.

Концертот започнува во 20:00 часот, а посетителите ќе имаат можност да уживаат во настапот на Starboy & Friends и истовремено да бидат дел од иницијатива која ги обединува музиката, хуманоста и солидарноста.

Главната цел на настанот е да се подигне јавната свест за секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со церебрална парализа, но и да се испрати порака дека секој човек заслужува еднакви можности, достоинствен живот и поддршка од заедницата.

Влезницата за концертот изнесува 300 денари, а програмата е предвидено да трае до полноќ.

Организаторите ги повикуваат велешани, но и сите граѓани кои сакаат да ја поддржат оваа хуманитарна иницијатива, да бидат дел од настанот и со своето присуство да придонесат кон неговата мисија.

„Кога музиката нè обединува, заедно можеме да создадеме подобро утре“ е пораката со која организаторите ја најавуваат вечерта исполнета со музика, солидарност и поддршка за оние на кои таа им е најпотребна.

Scroll to Top