Дунав откри тајна стара 81 година: Во Будимпешта пронајдени германски воен мотоцикл и останки од двајца војници

Екстремно нискиот водостој на Дунав во Будимпешта откри траги од едно од најмрачните поглавја на Втората светска војна. На будимската страна на реката, спроти зградата на унгарскиот парламент, од водата излегоа речиси целосно сочуван германски воен мотоцикл, воена опрема и посмртни останки од двајца германски војници.

Откритието било направено кај плоштадот Батјани, откако минувачи меѓу камењата на брегот забележале дел од вилушката на мотоциклот. По пријавата, на местото пристигнале експерти од Институтот и музејот за воена историја, како и претставници на унгарска партнерска организација на германскиот Volksbund Deutsche Kriegsgräberfürsorge.

При истражувањето од Дунав бил извлечен речиси целосно сочуван воен мотоцикл од Втората светска војна. Во негова близина биле пронајдени и противтенковски мини, муниција и останките на двајца германски војници.

Според потполковникот д-р Норберт Самвебер, директор на Воено-историскиот архив, мотоциклот најверојатно припаѓал на оклопната дивизија Feldherrnhalle, која била меѓу германските единици опколени за време на битката за Будимпешта.

Тој објаснува дека возилото најверојатно влегло во состав на единицата во септември 1944 година, во период кога таа била реорганизирана. Овој тип мотоцикли најчесто се користел за курирски задачи – пренесување извештаи, пораки и наредби меѓу воените единици.

Дополнителна мистерија е начинот на кој мотоциклот завршил во реката. При прегледот било утврдено дека менувачот останал во втора брзина и дека возилото во минатото учествувало во судир, но не е познато дали токму тој настан довел до неговото паѓање во Дунав.

Во близина биле пронајдени и останките на двајца германски војници. Според една идентификациска плочка, еден од нив можеби бил припадник на 22. доброволна коњичка дивизија на СС, додека вториот бил војник на Вермахтот. Истражувачите засега не сметаат дека тие директно биле поврзани со пронајдениот мотоцикл.

„Тука можеле да загинат во борба или да бидат погубени од советските сили. Сепак, поверојатно е дека загинале во борба“, објаснил Самвебер.

Откритието потекнува од периодот на опсадата на Будимпешта, една од најкрвавите битки во завршницата на Втората светска војна. Од крајот на 1944 до средината на февруари 1945 година околу 100.000 германски и унгарски војници го бранеле градот од советските и романските сили.

Речиси целата одбранбена сила била уништена или заробена. Според достапните податоци, само 705 германски и 36 унгарски војници, како и 44 цивили, успеале да стигнат до германските линии при обидот за пробив.

Советските и романските загуби се проценуваат на околу 80.000 луѓе, додека бројот на загинати цивили се движи меѓу 23.000 и 38.000. До крајот на опсадата биле убиени и околу 15.000 Евреи во Будимпешта.

Историчарите посочуваат дека пронајдениот мотоцикл е значаен и поради тоа што единиците Feldherrnhalle биле силно вооружени јуришни формации, обучени за борби во урбани средини и напади врз утврдени позиции.

По 81 година поминати во Дунав, мотоциклот практично претставува „временска капсула“ од Втората светска војна.

Дополнително, доколку идентификациските податоци овозможат утврдување на идентитетот на двајцата војници, нивните семејства по повеќе од осум децении конечно би можеле да дознаат што им се случило.

„По 81 година тие можат да ги добијат последните почести и да бидат достоинствено погребани“, заклучи Самвебер.

Scroll to Top