Бред Пит оваа есен повторно ќе се појави на Филмскиот фестивал во Сан Себастијан, каде што последен пат гостуваше пред дури 17 години.
Холивудската ѕвезда ќе пристигне заедно со режисерот Дејвид Ајер за лично да го претстават новиот акциско-авантуристички трилер „Heart of the Beast“.
Филмот е дел од официјалната селекција на 74. издание на фестивалот, кој ќе се одржи од 18 до 26 септември, но нема да се натпреварува за главните фестивалски награди.
Во центарот на приказната е Џејмс Белмонт, пензиониран припадник на специјалните единици, кого го толкува Пит.
По тешка авионска несреќа, тој останува заробен длабоко во дивината на Алјаска заедно со Один, неговиот поранешен воен пес.
Далеку од цивилизацијата, човекот и кучето мора целосно да се потпрат еден на друг и да најдат начин да преживеат во суровите услови и да се вратат дома.
Токму нивниот однос е емотивното јадро на филмот, кој се занимава со теми како лојалноста, издржливоста и борбата за опстанок.
Покрај Бред Пит, во филмот играат и Џ.К. Симонс и Ана Ламбе, додека сценариото го потпишува Камерон Александер.
Пит е и еден од продуцентите на проектот, заедно со Оливија Хамилтон, Марти Боуен и Дејвид Ајер, а меѓу извршните продуценти е и оскаровецот Демиен Шазел.
Ова не е прва соработка меѓу Пит и Ајер. Тие претходно работеа заедно на воениот филм „Fury“ од 2014 година.
Ајер е познат и по филмовите „End of Watch“, „Suicide Squad“, „The Beekeeper“ и „A Working Man“.
„Heart of the Beast“ во кината треба да пристигне на 25 септември.
Враќањето на Бред Пит во Сан Себастијан предизвикува дополнително внимание бидејќи последен пат на фестивалот се појави во 2009 година, кога заедно со Квентин Тарантино го претстави „Inglourious Basterds“.
Со вклучувањето на „Heart of the Beast“, годинашната официјална селекција на фестивалот е комплетирана и опфаќа 17 филмови во конкуренција, три наслови надвор од конкуренција и пет специјални проекции.






