Николче Мицевски доби големо меѓународно признание откако неговата композиција „TIME“ беше прогласена за најдобра во категоријата World Music на InterContinental Music Awards.
Македонскиот музичар и композитор ја сподели веста преку социјалните мрежи, изразувајќи благодарност за признанието и за поддршката што ја добива неговото творештво.
„Почестен сум и неизмерно среќен што ја добив наградата за најдобра World Music композиција на Интерконтиненталните музички награди, за мојата „TIME““, порача Мицевски.
Тој се заблагодари на организаторите на натпреварот, како и на сите што ја следат и поддржуваат неговата музика.
За Мицевски, ова признание претставува силен поттик да продолжи со создавање композиции што поврзуваат различни култури, музички изрази и традиции.
Дополнителна вредност на наградата е можноста „TIME“ да стигне до уште поширока меѓународна публика, со поддршка од организацијата на овој светски музички натпревар.
„Оваа награда за мене значи многу, а ќе ја имам и можноста мојата музика да се слуша пошироко во светот со поддршката од организацијата на овој голем светски натпревар. Одиме понатаму!“, истакна Мицевски.
Признанието е уште еден значаен успех за македонската музичка сцена и потврда дека домашните автори и композиции можат да добијат силна меѓународна афирмација.






