Музиката на Владимир Четкар на светскиот пазар: Четири негови композиции објавени на винил во Австралија

Австралиската музичка куќа M2MR Records објави ново винилно издание со четири избрани композиции на македонскиот музичар Владимир Четкар, наменето за светскиот музички пазар.

На плочата се најдоа композициите „Ohrid“, „Don’t Make Me Wait“, „Heavenly“ и „Ocean of Love“, претставени во ремикс-изданија на познатиот англиски диџеј и продуцент Доктор Пакер (Dr. Packer).

Објавувањето винил на македонски музички автор од страна на странска издавачка куќа претставува вистинска реткост во поновата македонска музичка историја. Изданието на Четкар веќе е достапно во повеќе познати специјализирани музички продавници, меѓу кои Juno Records, Phonica Records, Strada Records и Deejay.de.

Во рецензијата објавена од Juno Records, композицијата „Ohrid“ е опишана како возвишено ну-диско уживање, збогатено со раскошни гудачки аранжмани.

Новото издание е уште една меѓународна потврда за музиката на Четкар, кој со години го гради својот препознатлив звук преку спој на џез, соул, фанк и диско и настапува пред публиката во повеќе земји.

Владимир Четкар наскоро ќе настапи и пред македонската публика. На 5 септември, во сабота, тој се враќа во Скопје со концерт на зелената тераса во „Public Room“.

Вратите ќе бидат отворени од 21 часот, додека почетокот на концертот е закажан за 22 часот. Билетите се продаваат онлајн преку Tix.mk по цена од 600 денари.

Scroll to Top