Во Струмица, на денот на неговиот роденден, беше откриена биста во чест на Ѓорѓи Ѓоргиев – Џоче, тапанарот на групата „ДНК“, кој трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Со емотивна порака се огласи и градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, кој лично го познавал Ѓоргиев.
„Џоче, Струмица ќе те памети“, порача Јанков, потсетувајќи не само на неговиот музички талент, туку и на добрината, скромноста и карактерот по кои бил препознатлив меѓу луѓето што го познавале.
„Да не се помириме со трагедиите“
Јанков порача дека споменот на Ѓорѓи и на останатите жртви не треба да остане само симбол на тага, туку и потсетник на одговорноста што ја има целото општество.
„Да не се помириме со несреќите. Да не прифатиме дека ваквите трагедии се нешто што едноставно се случува. Затоа што зад секој таков настан стојат семејства, стојат нечии соништа“, напиша тој.
Според Јанков, правдата и одговорноста се неопходни за споменот на загинатите да има вистинска смисла.
„Џочето беше поим за прекрасно дете“
Градоначалникот со особена емоција се присети на Ѓорѓи, опишувајќи го како исклучително талентирано, паметно и пристојно младо момче.
„Гордост е за човек да познава исклучително талентирано, паметно и пристојно дете. Џочето е поим за прекрасно дете. Дете кое пленеше со својата добрина, со насмевката и со својот талент“, напиша Јанков.
Во Струмица, Ѓорѓи беше познат како одличен тапанар, но за неговите блиски и пријатели музичкиот талент бил само еден дел од неговата личност.
„Зад тој талент стоеше едно искрено, вредно и прекрасно дете“, додаде Јанков.
Бистата како траен спомен
Бистата поставена во Струмица треба да остане траен спомен на Ѓорѓи Ѓоргиев, но и симболичен потсетник на сите млади животи згаснати во трагедијата во Кочани.
Јанков порача дека најголемата обврска на институциите и општеството е да се направи сè што е потребно за вакви трагедии никогаш повеќе да не се повторат.
„Наша обврска е да направиме сè за ниту едно друго дете да не го загуби животот поради негрижа, неодговорност или недоволна посветеност“, порача тој.
Според него, општеството мора да биде посвесно, повнимателно и поодговорно, без да чека нова трагедија за повторно да се потсети на важноста на превенцијата, контролата и одговорноста.






