Николоски: Македонија ја гради зелената иднина – одржлив транспорт и чиста енергија за лидерска позиција во регионот

Одржливиот транспорт и зелената транзиција се меѓу клучните области преку кои Македонија се стреми да се позиционира како лидер во регионот, порача вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.

Тој посочи дека реализацијата на проектот за изградба на ветерниот парк на компанијата „Алказар“ во Штип претставува конкретен пример за насоката во која се движи земјата и доказ дека Македонија има потенцијал за модерна и одржлива иднина.

„Комбинацијата на одржлив транспорт и зелена транзиција е нешто што Македонија ја прави лидер во регионот. Реализацијата на проектот за изградба на ветерниот парк на компанијата „Алказар“ во Штип е доказ дека државата има модерна иднина“, наведува Николоски.

Според него, изградбата на ветерни паркови претставува значаен чекор кон создавање почист и поодржлив енергетски систем, со зголемено користење на обновливи извори на енергија.

Производството на електрична енергија од обновливи извори, како што посочува Николоски, придонесува за намалување на загадувањето и заштита на животната средина, но истовремено создава и услови за поголема енергетска независност на државата.

„Чиста енергија, здрава животна средина. Ја градиме Македонија“, порача Николоски.

Scroll to Top