Рок-хитовите од 1980-тите вечерва во Хераклеа: Ана Петановска со хуманитарен концерт во Битола

Поп-пејачката Ана Петановска и нејзиниот бенд вечерва, 12 септември, ќе одржат хуманитарен рок-концерт во античкиот локалитет Хераклеа во Битола.

Концертот, насловен „Хер-аклеа 2026“, започнува во 19:30 часот, додека влезот за посетителите ќе биде отворен од 19 часот.

Публиката ќе има можност да ужива во музичка вечер посветена на рок-сцената од 1980-тите. Петановска, препознатлива по моќниот вокал и енергичните сценски настапи, заедно со својот бенд ќе изведе познати хитови и преработки на песни од легендарните состави „Бон Џови“, „Појзон“, „Деф Лепард“ и други музички ѕвезди од златната ера на рокот.

Настанот има хуманитарна цел, а секој купен билет претставува поддршка за битолското здружение „Светилник на надеж“, кое е посветено на помош, грижа и поддршка на децата без родители.

Билетите се достапни онлајн преку продажната мрежа „Веј Ин“, по цена која започнува од 750 денари.

Организаторите најавуваат вечер исполнета со моќни гитарски звуци, безвременски рок-хитови и атмосфера инспирирана од 1980-тите. Посетителите се повикуваат да придонесат кон целосното доживување и да дојдат облечени во препознатливите кожени и тексас комбинации од тоа време.

Scroll to Top