Божиновска: Новиот закон за геологија и рударство ќе поттикнат инвестиции и развој, без компромис со животната средина и граѓаните

Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска беа презентирани резултатите од независната експертска ревизија на Предлог-законот за геологија и Предлог-законот за рударство, со која се потврдува дека предложените законски решенија се современи, сеопфатни и во значителна мера усогласени со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики.

На стручната средба, на која присуствуваше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, експертите ги презентираа наодите од анализата и препораките за дополнително унапредување на законските текстови.

Независната експертска ревизија ја изработија проф. д-р Вјечеслав Боханек и Кристи Дизни Брукнер, во соработка со граѓанската организација „Нов Трет Пат“, а во процесот беа вклучени и претставници на Министерството, Геолошкиот завод и Државниот инспекторат за енергетика и минерални суровини.

Експертите дадоа многу позитивна оценка за предложените законски решенија, посочувајќи дека тие воспоставуваат современа, јасна и меѓусебно усогласена рамка за геолошките истражувања и рударските активности.

Во рамки на експертизата е направена и компаративна анализа со законодавствата на шест земји членки на Европската Унија – Австрија, Германија, Полска, Чешка, Финска и Хрватска, при што е утврдено дека предложениот македонски модел е во согласност со релевантните европски практики.

Посебно внимание е посветено на современите европски политики во областа на критичните и стратешките минерални суровини, управувањето со геолошките податоци, заштитата на животната средина, одржливото користење на природните ресурси и одговорното управување со рударскиот отпад и затворањето на рудниците.

„Нашата цел не е само формално усогласување со европското законодавство. Сакаме да донесеме закон кој ќе биде функционален, применлив и современ, закон кој ќе создаде јасни правила и правна сигурност, ќе овозможи развој на рударскиот сектор и одговорни инвестиции, но истовремено ќе гарантира дека јавниот интерес, граѓаните, животната средина и локалните заедници нема да бидат ставени во втор план“, истакна министерката Божиновска.

Таа посочи дека Македонија има потенцијал за развој на рударството и искористување на минералните суровини, но дека идниот развој мора да се темели на високи стандарди, транспарентни процедури, јасни правила и одговорно управување со природните богатства.

„Рударството треба да биде двигател на економскиот развој, но придобивките од инвестициите мора да бидат пошироки – за државата, за економијата, за локалната самоуправа и пред сè за граѓаните. Затоа инсистираме на систем во кој ќе има и развој и заштита, и инвестиции и одговорност, и ефикасни процедури и високи стандарди“, нагласи Божиновска.

Министерството, како што беше истакнато на средбата, работи на создавање законска рамка која ќе обезбеди предвидливост за инвеститорите, ефикасни и транспарентни постапки, јасно дефинирани надлежности на институциите, заштита на животната средина, одржливо користење на минералните ресурси и поголема вклученост на локалните заедници.

Особено значајно е што во подготовката на законите се користи искуство од повеќе европски држави и меѓународни практики.

Кристи Дизни Брукнер е меѓународен експерт со повеќе од 27 години професионално искуство во областа на рударското законодавство, политиките за минерални суровини и одржливото управување со природните ресурси. Во текот на својата кариера била ангажирана на развој, анализа и унапредување на законски и регулаторни рамки во повеќе од 70 земји, со искуство во различни региони и правни системи.

Проф. д-р Вјечеслав Боханек, професор на Факултетот за рударство, геологија и нафтено инженерство при Универзитетот во Загреб, е еден од истакнатите регионални експерти во областа на рударството и минералните суровини. Тој има директно искуство во процесите поврзани со подготовката на хрватската законска рамка и стратегијата во областа на рударството и управувањето со минералните суровини, како и долгогодишно академско и стручно искуство.

Од Министерството посочуваат дека експертската ревизија е важен чекор во процесот на финализирање на законските решенија, бидејќи овозможува дополнителна стручна проверка и споредба со искуствата на земјите членки на Европската унија. 

Министерството продолжува со стручниот и институционалниот процес за финализирање на Предлог-законот за геологија и Предлог-законот за рударство, со определба конечните решенија да бидат европски усогласени, современи, применливи и насочени кон одржлив развој на рударскиот сектор, но и кон заштита на јавниот интерес и природните ресурси на државата.

Scroll to Top