Македонскиот рубин пред сертификација: Почнува меѓународната промоција на уникатниот камен од Мариово

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во понеделник, 21 септември, ќе ги претстави следните активности за заштита, сертификација и промоција на македонскиот рубин.

На настанот ќе бидат презентирани досегашните резултати, како и конкретните чекори што треба да доведат до воспоставување целосен систем за заштита и препознатливост на овој уникатен камен. Процесот ќе опфаќа утврдување и документирање на потеклото, сертификација, воспоставување јасни критериуми и создавање механизми за негова автентична промоција.

Посебно внимание ќе биде посветено на активностите преку кои македонскиот рубин треба да биде претставен и промовиран на меѓународната сцена.

Од Министерството посочуваат дека настанот ќе биде можност јавноста и медиумите непосредно да се информираат за она што досега е реализирано, за претстојните активности и за начинот на кој ќе се спроведува целиот процес во наредниот период.

На презентацијата ќе присуствуваат министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, членовите на новоформираната Комисија за македонскиот рубин, како и претставници на Геолошкиот завод, Заводот за индустриска сопственост, Министерството и другите институции и чинители вклучени во процесот.

Божиновска во јуни годинава соопшти дека е пристигнато решението со кое македонскиот рубин и официјално се заштитува како наш, македонски полускапоцен камен.

Рубинот што се ископува во Македонија претставува геолошки и естетски уникат. Станува збор за корунд со карактеристична малиново-розева боја, која се јавува поради присуството на хром во неговата кристална структура.

Овој камен се среќава исклучиво во околината на Прилеп и во планините на Мариово, што го прави единствен природен рубин во континентална Европа што се обработува локално.

Покрај естетската и колекционерската вредност, македонскиот рубин се смета и за дел од културното и историското наследство на земјата, како симбол на нејзината природна убавина и национална гордост.

Активностите за институционална заштита на македонскиот рубин започнаа во септември 2025 година, а најавената сертификација и меѓународна промоција треба да означат нова фаза во неговото препознавање и позиционирање.

Scroll to Top