Од март 2027 година треба да започнат директни летови на релацијата Дубаи–Скопје, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Според него, авиолинијата е веќе договорена, а ќе ја оперира авиокомпанијата „Флајдубаи“.
Новото воздушно поврзување треба да биде воспоставено со почетокот на летната сезона на летање во март следната година. Николоски оцени дека линијата ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи, но и за унапредување на деловната размена и економската соработка меѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати.
„Тоа е веќе договорено и ‘Флајдубаи’ ќе почне во март 2027 година да лета директно од Дубаи до Скопје“, изјави Николоски во Собранието, по средбата со амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати.
Дубаи претходно беше најавен како една од новите директни дестинации од скопскиот аеродром, заедно со Барселона, Лион и Штутгарт.
Паралелно се водат разговори за воспоставување директна авиолинија меѓу Охрид и еден од аеродромите во Обединетите Арапски Емирати. Како можни дестинации се разгледуваат Абу Даби и Шарџа, но договор за оваа линија сè уште не е постигнат.
Според министерот, новите летови се дел од пошироките активности за подобро поврзување на двата македонски аеродрома со меѓународни дестинации и за привлекување туристи во текот на целата година, а не само во главната летна сезона.
Дополнителна можност за зголемување на патувањата и деловните контакти, како што посочи Николоски, претставува и воспоставениот безвизен режим меѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати.






