ФОТО | ВИДЕО 23 недели на врвот: Ова е најголемиот американски хит во 2026 година, а можеби не сте го слушнале

Песната „Choosin’ Texas“ на Ела Ленгли испиша музичка историја, откако помина 23 недели на првото место на американската листа „Billboard Hot 100“.

Со овој резултат, кантри-хитот го надмина претходниот рекорд од 22 недели што го постави божиќната класика „All I Want for Christmas Is You“ на Мараја Кери.

„Billboard“ објави дека „Choosin’ Texas“ зад себе ги оставила и големите хитови „A Bar Song (Tipsy)“ на Шабузи, „Old Town Road“ на Лил Нас Екс и „I Will Always Love You“ на Витни Хјустон.

Од кантри-хит до глобален феномен

Успехот на песната се поврзува со нејзиниот опуштен звук, комбинацијата од повеќе музички жанрови и емотивната приказна за љубовна загуба.

Според податоците на „Luminate“, од средината на август „Choosin’ Texas“ собрала 911 милиони слушања на барање во САД и 1,26 милијарди на глобално ниво.

Истовремено, популарноста на Ела Ленгли забележала огромен раст. Од помалку од еден милион месечни слушатели на „Spotify“ на почетокот од 2023 година, пејачката стигнала до повеќе од 32 милиони.

Песна што ја надмина кантри-публиката

Од „Luminate“ оценуваат дека кантри-публиката сè повеќе се насочува кон стриминг-платформите, а песни како „Choosin’ Texas“ дополнително го забрзуваат трендот и привлекуваат помлади слушатели.

Од „Spotify“, пак, посочуваат дека нумерата најпрво се проширила преку кантри-плејлистите, а потоа била вклучена и во глобално популарни избори како „Today’s Top Hits“.

Песната се нашла и на тематски листи наменети за возење, опуштање и дружење, што покажува дека нејзината привлечност не е ограничена само на еден жанр или тип публика.

Кантри со примеси на диско, рок и соул

Музичките аналитичари сметаат дека една од главните причини за успехот е спојот на традиционалниот кантри-звук со елементи од диско, рок и соул.

Нејт Слоун, музиколог од Универзитетот во Јужна Калифорнија, го опиша вокалот на Ленгли како мек и препознатлив, оценувајќи дека песната има речиси хипнотички ритам.

Чарлс Л. Хјуз, пак, посочи дека најуспешните кантри-песни истовремено се потпираат на традицијата и звучат современо. Според него, токму таа рамнотежа ја издвојува „Choosin’ Texas“.

Приказна за љубовна загуба

Во центарот на текстот е жена која го губи својот партнер поради друга жена. Песната ја комбинира меланхоличната приказна со прецизни стихови и суптилен танцов ритам.

Во рефренот се провлекува пораката дека не е потребно предвидување за да се сфати оти каубојот на крајот секогаш пронаоѓа начин да замине.

Според музичките аналитичари, токму спојот на емотивниот текст, лесно препознатливата мелодија и современата продукција ѝ помогнал на песната да ја надмине кантри-сцената и да стане најголемиот американски хит во 2026 година.

Scroll to Top