Коњановски со чешката амбасадорка: Нови можности за Битола во економијата, културата и градските партнерства

Можностите за посилна економска и културна соработка, како и за збратимување на Битола со град од Чешка, биле во фокусот на денешната средба меѓу градоначалникот Тони Коњановски и чешката амбасадорка во Македонија, Ирена Гетцова.

Според објавата на Коњановски, тој ја запознал амбасадорката со богатата историја на Битола, нејзиното културно наследство и традицијата, а ги претставил и економските и туристичките потенцијали на градот.

На средбата се разговарало за можностите за продлабочување на врските со Чешка, со акцент на економијата и културата. Како една од темите било отворено и прашањето за воспоставување партнерство меѓу Битола и чешки град.

„Една од темите на разговор беше и можноста за збратимување на Битола со град од Чешка“, истакна Коњановски.

Во објавата не е посочено за кој град станува збор, ниту се наведени конкретни чекори или рокови за евентуалното збратимување.

Во разговорот била истакната и поддршката што Чешка, како членка на Европската Унија, ѝ ја дава на Македонија во процесот на европската интеграција.

Средбата била одбележана и со пригоден подарок, како знак на пријателството меѓу двата народа.

Scroll to Top