Николоски најави модернизација на железницата: Обнова и електрификација на пругата Велес – Битола и набавка на девет нови возови

Реконструкција, надградба и електрификација на пругата Велес – Битола преку европската програма ИПА 3, како и набавка на нови патнички возови и електрични локомотиви, најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.

Според Николоски, делницата Велес – Битола е вклучена како приоритет во рамките на ИПА 3. Тој посочи дека на состанок со амбасадорот на Европската Унија и неговиот тим биле разгледани проектите од програмите ИПА 2 и ИПА 3.

Министерот очекува соодветната програма да биде усвоена од ЕУ до крајот на годината и да стане оперативна од 1 јануари 2027 година. Потоа треба да следуваат тендерската постапка, изборот на изведувач и реализацијата на градежните работи.

Николоски ја нагласи важноста на електрификацијата, објаснувајќи дека на делницата кон Битола сега се користи дизел-влеча. Според него, преминувањето на електрична влеча ќе придонесе за пониски трошоци и помало влијание врз животната средина.

„Таму одиме со реконструкција, надградба и, многу важно, електрификација“, истакна тој.

Паралелно со обновата на инфраструктурата, Николоски најави и модернизација на возниот парк. Како што рече, со Европската банка за обнова и развој е постигнат договор за набавка на најмалку пет електрични локомотиви.

Во завршна фаза се и разговорите со Светската банка за набавка на пет до седум патнички гарнитури. Дополнително, министерот очекува „МЖ Транспорт“ во текот на 2027 година да набави уште два воза со сопствени средства, посочувајќи дека компанијата е во подобра финансиска состојба.

Со најавените набавки, возниот парк би се проширил со вкупно седум до девет патнички гарнитури и најмалку пет електрични локомотиви. Николоски како цел ја посочи набавката на девет нови возови во следните две до три години.

Scroll to Top