Станковиќ: Рударството да се развива со највисоки еколошки стандарди и поголема корист за државата

Развој на рударството со почитување на највисоките еколошки стандарди и со повисоки концесиски надоместоци побара пратеникот Малиша Станковиќ во собраниската расправа за интерпелацијата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Тој оцени дека во досегашната дебата не биле јасно образложени причините поради кои се бара одговорност од министерката и ги повика подносителите да се насочат кон конкретни прашања од нејзината работа.

„Што има вина министерката за енергетика за да треба да ја смениме?“, праша Станковиќ, критикувајќи го префрлањето на расправата кон пасоши, фирми и други теми.

 

Според него, отворањето рудници и заштитата на животната средина треба да се разгледуваат заедно, преку јасни услови и стандарди што мора да се почитуваат.

„Ние не викаме дека ако се отвори нов рудник треба да се отвори надвор од еколошките стандарди“, рече Станковиќ.

Тој нагласи дека занимавањето со рударството е дел од надлежностите на министерката и дека самата работа во оваа област не може да биде причина за барање нејзина смена.

„Па јас ќе поднесам интерпелација ако не се занимава со рудници“, порача тој.

Станковиќ се заложи државата да обезбедува поголеми приходи од искористувањето на минералните суровини, истовремено инсистирајќи на највисоки еколошки стандарди. На крајот ги повика подносителите прецизно да објаснат што бараат со интерпелацијата и кои конкретни пропусти ѝ ги припишуваат на Божиновска.

Scroll to Top