Chrome воведе ново предупредување: Ќе ве праша пред да отвори незаштитена интернет-врска

Google ја прошири заштитата во Chrome со предупредување што се појавува пред прелистувачот да воспостави незаштитена HTTP-врска. Функцијата, претходно достапна за корисниците со засилена заштита, сега е стандардно проширена за сите корисници, со определени исклучоци.

Промената беше објавена на 21 октомври. Целта е корисникот да добие можност да запре пред неговата врска да биде изложена на ризик.

Досегашната ознака „Not Secure“ главно предупредуваше откако врската веќе била воспоставена. Новиот пристап бара одобрение пред продолжување кон страница што не поддржува HTTPS.

Незаштитениот HTTP-сообраќај може да овозможи пресретнување или менување на податоците од напаѓач што има пристап до мрежната комуникација, објаснува тимот на Chrome.

Предупредувањето нема да се повторува при секоја посета. По одобрување на HTTP-врската за одреден сајт, повторно ќе се појави ако корисникот не го посетил најмалку две недели. Исклучоци постојат за одредени локални адреси, какви што се користат при поставување домашни рутери.

Според првичните податоци на Google, речиси 95 отсто од корисниците на десктоп-верзијата не гледаат HTTP-предупредување во текот на една недела, бидејќи најголемиот дел од сообраќајот веќе користи HTTPS.

Scroll to Top