Инвестициите во знаење, иновации и млади инженери се подеднакво значајни како и вложувањата во енергетската инфраструктура, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на 14. Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој – СКЕЕОР 2026.
Во своето обраќање пред студентите и претставниците на академската заедница, Божиновска ја нагласи важноста на науката, истражувањето и иновациите како темел за изградба на сигурен, модерен и одржлив енергетски систем.
Таа истакна дека младите инженери не се само иднината на енергетскиот сектор, туку и генерација која веќе располага со знаење, креативност и идеи што можат да придонесат за неговиот развој и модернизација.
„Нашата задача е да им овозможиме нивните истражувања да прераснат во практични решенија, преку поврзување на универзитетите, институциите и компаниите“, посочи министерката.
Според Божиновска, токму соработката меѓу образованието, науката и стопанството е клучна за создавање услови во кои младите стручни кадри ќе можат да го применат своето знаење и активно да учествуваат во енергетската трансформација на земјата.
Во рамките на настанот, министерката оствари и средба со деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), на која се разговарало за можностите за продлабочување на соработката меѓу академската заедница и државните институции.
Во фокусот на разговорите било поврзувањето на научноистражувачката работа со реалните потреби на енергетскиот сектор, со цел студентските идеи и истражувања да добијат можност за практична примена.
Пораката од конференцијата е дека развојот на енергетиката не зависи само од изградбата на нови капацитети и модернизацијата на постојната инфраструктура, туку и од создавањето стручни кадри кои ќе можат да одговорат на технолошките и еколошките предизвици.
Со вложувањето во младите инженери и нивното знаење, се поставуваат темелите за долгорочен и одржлив развој на македонскиот енергетски сектор.






