17 години по смртта на Мајкл Џексон: Неговата ќерка бара 600 милиони долари од наследството

Парис Џексон, ќерката на легендарниот поп-пејач Мајкл Џексон, започна нова правна битка околу огромното богатство што остана по смртта на нејзиниот татко. Таа бара судот во Лос Анџелес да наложи префрлање на околу 600 милиони долари во семејниот фонд наменет за неа и нејзините двајца браќа.

Според американските медиуми, 28-годишната Парис тврди дека, иако поминале повеќе од 17 години од смртта на кралот на поп-музиката, семејниот фонд сè уште не е финансиран во согласност со намерите на нејзиниот татко.

Во судските документи се наведува дека Мајкл Џексон предвидел неговите деца, Принс, Парис и Биги, да започнат да добиваат приходи од фондот по наполнувањето 21 година, а подоцна и делови од главнината на наследството.

Правниот тим на Парис посочува дека управувачите со имотот на починатиот музичар во изминатите години оствариле огромни приходи од продажба на музички права, недвижности и други деловни зделки.

Според нејзините адвокати, на крајот од 2024 година наследството располагало со приближно 850 милиони долари во готовина и парични еквиваленти, поради што сметаат дека најмалку 600 милиони долари би можеле да бидат префрлени во семејниот фонд.

Од друга страна, претставниците на наследството ги отфрлаат обвинувањата за неправилно задржување на средствата. Тие тврдат дека постојат нерешени правни и даночни прашања, вклучително и спор со американската даночна служба, кои го попречуваат целосното финансирање на фондот.

Дополнително, наведуваат дека досега биле распределени повеќе од 200 милиони долари во корист на наследниците.

Мајкл Џексон почина на 25 јуни 2009 година, на 50-годишна возраст, оставајќи зад себе музичко наследство чија вредност продолжи значително да расте и по неговата смрт.

Судското рочиште по најновото барање на Парис е закажано за 4 декември, кога се очекува дополнително да се разгледа прашањето за распределбата на средствата.

Scroll to Top